Жените во Египет се борат против предложените тестови за невиност

Здружение за женски права во Египет поднесе тужба против пратеник кој побара задолжителни тестови за невиност за жените кои се запишуваат на универзитет. Според Маја Морси, шеф на Националниот совет на жените, санкциониран од државата, жалбата бара исклучување од Парламентот на Илхами Агена и криминална истрага за неговите постапки. Таа рече дека овој пратеник и наштетува на репутацијата на жените во Египет, на мажите и на целата држава.

Во интервју минатата недела, Агена рече дека тестовите за невиност биле потребни за да се спротивстават на зголемениот број на неформални бракови меѓу студентите. Ваквите бракови станаа популарни изминатите години поради големата младинска невработеност и поскапувањето на домувањето.

Но, ова според религијата е погрешен начин на врска поради предбрачните сексуални односи, а во некои делови на Египет, тоа се уште се смета за табу. Муслиманските светштеници јавно се спротивставија на вакви бракови.

Во Египет, како и во други конзервативни, муслимански држави, невиноста на младата девојка се смета за фамилијарна чест, а ако ја изгуби тоа би можело да ја спречи да се омажи.

Војската направила тестови за невиност на 19 жени кои беа уапсени по насилното растурање на протестот во Каиро во март 2011 година, кратко по оставката на претседателот Хосни Мубарак.

Три месеци подоцна, Амнести Интернешнл рече дека тогашните воени владетели на Египет го признале вршењето на тестовите, како начин да ја заштитат војската од можни обвинувања за силување. Војската вети дека нема да ги направи уште еднаш тестовите, според лондонската организација.

Коментарите на пратеникот Агена предизвикуваа револт и во минатото, вклучително и оние кога тој вели дека одредени пратенички не се облекувале доволно скромно.

Кулминација на гневот против него беше кога минатиот месец тој изјави дека гениталното осакатување било потребно за да ја заузди женската сексуалност и како противтежа на широко распространетата импотенција кај мажите во Египет. Тој тогаш твдел дека 64 отсто од египетските мажи страдаат од импотенција, наведувајќи ја зголемената побарувачка на вијагра.

„Ако жените не се обрежани, тие ќе бидат сексуално јаки и ќе има проблем“, неурамнотеженост што би водела до развод, додаде тој.

Неговите коментари за гениталното осакатување следат по донесувањето на построги казни за праксата, со што оние кои се согласиле на процедурата би можеле да добијат максимална казна од 15 години, додека оние кои ја спровеле процедурата може да добијат до седум години.

Вековната пракса, за која погрешно се верува дека ќе го намали либидото кај жената, е криминализирано во Египет во 2008 година. Сепак, се уште е распространето и се проценува дека 90 отсто од жените во Египет се подложни на некаква форма на присилна процедура.