Жените се борат против стигматизирањето на абортусот со хаштагот #ShoutYourAbortion

Во текот на изминатиот викенд, голем број на жени започнаа да ги споделуваат своите лични приказни за абортирање на социјалните медиуми, користејќи го хаштагот #ShoutYourAbortion.

#ShoutYourAbortion беше создаден од страна на писателката Lindy West и нејзината колешка Amelia Bonow. Двете писателки го употребија хаштагот во обид да се ослободат од стигмата која ја обележува оваа контроверзна одлука на жените, откако Претставничкиот дом во САД во поетокот изгласа да се укине федералното финансирање на проектот „Planned Parenthood“.

Хаштагот се користи со цел жените да објаснат зошто решиле да абортираат, и зошто не жалат за таа одлука.

Иако многумина ја поддржаа иницијативата, многу други, и мажи и жени, не го одобрија хаштагот.

 

Planned Parenthood е непрофитна организација во САД, која нуди бесплатни советувања, часови по сексуално образование и контрацепција, како и абортуси. Нудат и услуги за контрола на здравјето на децата и родилките. До седницата на која беше одлучено да се укине финансиската поддршка, Владата на САД беше главен покровител на иницијативата.

Абортусот, иако легален во повеќето земји во светот, се уште е табу и се смета за неморална одлука. Анти-абортус и религиозните групи го нарекуваат грев кој ја негира светоста на човечкиот живот, а неретко и „убиство“.

Сепак, многу жени од различни делови на светот се уште се борат за правото оваа медицинска процедура да биде легална и да можат самите да одлучуваат за себе и за своето тело, велат активистките. Тие појаснуваат дека #ShoutYourAbortion не е иницијатива која го слави абортусот, туку цели да покаже дека секоја жена има право на избор и причини кои ја натерале да го направи.

Извор: Buzzfeed