Жените од сите краеви на светот преку објективот на Илана Роуз

Познатата австралиска фоторепортерка Илана Роуз ги покрива темите како супкултури и социјална правда повеќе од 25 години. Од садо-мазо култрата во 90-тите, до правда за домородните племиња и аферите на Австралијките, секоја фотографија во нејзиниот дом во Брунсвик служи како временска капсула, како тивок спомен за некој момент од историјата.

„Оваа фотографија е од Јужен Судан, млада држава која беше во граѓанска војна во изминатите неколку години и каде посетив доста бегалски кампови“, објаснува Роуз за фотографијата од баба и нејзините девет внуци.

Роуз вели дека мајката на децата на фотографијата имала само 26 години, но веќе имала родено три пара близнаци.

„Вистинската неволја започнала во декември 2013“, вели таа. „Ќерката останала бремена со најмалите близнаци, но семејството морало да бега. Не знаела каде се наоѓа нејзиниот сопруг и се породила на сред пат додека бегале“.

Роуз е родена во источен Мелбурн, а започнала да фотографира уште во тинејџерските години и студирала на Викторијанскиот колеџ во 80-тите. Во тоа време, тоа бил еден од малкуте факултети за фотографија. Било доста тешко да се пробие во индустријата.

„Беше многу тешко за жените да најдат работа, затоа работев хонорарно за дневни весници“, вели.

Откако дипломирала, Роуз заминала во странство и работела како дописник од Лондон за Sun Herald три години. Голем дел од времето во нејзините 20-ти години го поминала фотографирајќи секакви супкултури, како „бандите на возовите“ во 90-тите, до првите графити уметници во Мелбурн. Таа била првиот фотограф на Big Issue.

Најновата изложба на Роуз содржи фотографии направени во текот на изминатите четири години, а ја прикажува состојбата на современата нееднаквост. Таа патувала во земјите од третиот свет, како Етиопија, Јужен Судан, Зимбабве, Боливија, Уганда, Перу, Индонезија, Индија и Шри Ланка. Фотографиите ќе бидат изложени на No Lillies, хуманитарен настан организиран од Жените на ОН.

„Оваа фотографија е направена во Уганда, во јануари минатата година, каде бегаа Јужносуданците“. Роуз покажува кон фотографија од две жени, и двете бегалки, како скокаат на јаже. „Девојчето од левата страна ги изгубила родителите, па кога пристигнале во бегалскиот камп, жената од десно ја зела под своја закрила и почнала да се грижи за неа“.

Низ четирите години во кои соработувала со World Vision за овој проект, го пропатувала светот фотографирајќи жени од земјите во развој. Во Индија, запознала жена со тетоважа во чест на нејзиниот починат сопруг – неговото име и мало срце. Починал од ХИВ/СИДА, а жената била една од многуте во нејзината заедница маргинализирани поради смртта на сопругот.

Роуз вели дека видела од прва рака дека за жените во земјите во развој, да се надмине родовата нееднаквост е битка за опстанок.

„Нема работни места и целите семејства се прехрануваат од земјата која ја имаат. Најголем проблем е што девојчињата не одат на училиште“, вели таа.

„Секој гледа на образованието како на клуч за бегство од стапицата на сиромаштијата, но девојчињата често се оние кои имаат за задача да носат вода“.

Порасната од мајка феминистка во 60-тите, која завршила факултет и покрај лошите услови, Роуз верува дека родовата нееднаквост има длабоки корени дури и во Австралија.

„Бев воспитана да не се гледам себеси како помалку вредна, благодарение на мајка ми“, се сеќава. „Пораснав како „машкуданка“. Работев во светот на мажите. Имам пријатели кои се хомосексуалци, пријатели кои се стрејт, пријатели со амбивалентна сексуалност. Никогаш не се огледувам на луѓето за ваква идентификација. Гледам внатре. Се чини дека, за мене, родовата нееднаквост е недостаток на разбирање дека семејната и домаќинската работа се сѐ уште многу потценети“, смета.

Индивидуално, фотографиите на Роуз се моќни, но гледани заедно нивната порака е јасна: светот на жените не е дефиниран од материјализмот, убавината или сексот. Дефиниран е од несебичноста.

„Сум гледала жени кои прават сѐ – апсолутно сѐ, дури и многу тежок физички труд. Најзачудувачката работа за овие искуства е што ја видов паралелата меѓу жените овде во Австралија, и жените насекаде низ светот. Жените секаде го сакаат тоа што е најдобро за своите семејства, и сакаат како никој друг“, вели.

Интервју на Александра Манатакис за Vice