Жените облечени во бело го следеа говорот на Трамп во Конгресот

Рекорден број жени во американскиот Конгрес го следеа годишниот говор за состојбата на нацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Она што беше особено впечатливо на телевизиските екрани беше тоа што речиси сите од нив беа облечени во бело.

Гестот бил координирана акција од страна на жените од Демократската парија, кои на овој начин сакале да оддадат почит и солидарност со движењето на суфражетките и да ја одбележат стогодишнината од 19-тиот амандман на американскиот устав, со кој жените го стекнале правото на глас во Соединетите Американски Држави.

Белата боја како симбол со која жените испраќаат политички пораки е традиција долга скоро еден век. Жените ја користеле токму оваа боја при нивната борба за право на глас на почетокот на 20-тиот век.

„Денеска бев облечена во бело за да оддадам почит на жените кои го трасираа патот пред мене и за сите жени кои ќе следат во иднина. Од суфражетките до Ширли Кисхолм, немаше да бидам овде доколку не беа мајките на ова движење“, изјавила конгресменката од Њујорк, Алесандриа Окасио-Кортез.

На последните американски избори беа избрани рекорден број на жени во Конгресот. Во Претставничкиот дом сега има вкупно 102 жени, од кои дури 89 се од Демократската партија.