Жените низ светот заработуваат четвртина помалку од мажите, според извештај на ОН

Жените заработуваат 23 проценти помалку од мажите насекаде низ светот, покажува ново истражување. Со други зборови, една жена заработува 77 проценти од платата на еден маж, а со моменталното темпо потребни се повеќе од 70 години пред јазот да се затвори.

Истражување на Фондот за население на Обединетите нации, наречен Состојбата на светската популација 2017, откри дека ниту една земја не е имуна на сексизмот и дискриминацијата, кога станува збор за жените во работниот простор.

„Откако еднаш ќе станат дел од платениот работен пазар, жените од цел свет заработуваат помалку од мажите за ист вид на работа. Почесто се дел од пониско платена работа за која не се потребни особени вештини, или поминуваат помалку време работејќи нешто што им носи заработка, а повеќе во домаќинството“, пишува во документот.

Низ светот, околу 50 проенти од жените учествувале во глобалната работна сила во 2015 година, споредено со 76 проценти од мажите. Сепак, жените сочинуваат 52 проценти од светското население, а мажите 51 процент.

Само во Колумбија, Јамајка и Света Лусија од вкупно 126 држави, жените држат половина или повеќе од менаџерските позиции во работното место.

Делумно, за овој јаз е виновно образованието. Иако 479 милиони жени се неписмени, само 279 милиони мажи не можат да читаат и пишуваат. Неписмените луѓе заработуваат до 42 проценти помалку од сите други. Жените исто така е поверојатно да се соочат со притисок и да не се одлучат за теми како наука или математика, ограничувајќи ги своите идни можности. Доколку жените сакаат да работат и да основаат семејство, треба да знаат дека три од пет жени немаат породилно отсуство, а многу повеќе плаќаат „казна за мајчинство“ – односно помали плати поради отсуството.

Меѓу другите фактори се и детските бракови, непланираната бременост и репродуктивните права. Жените вршат и 2,5 пати повеќе домаќинска работа од мажите, а почесто се грижат и за неплатениот товар, како грижа за децата или постарите и болни роднини.

Родовата еднаквост е петта од 17 цели за одржлив развој, потпишани од 193 земји под Програмата за делување од 1994 година на ОН, со рок до 2030 година.