Во Концепт центарот „Една може/една прави“ денес од 17 часот повторно се одржува „Жените можат“ – интердисциплинарен проект кој ги обединува академските знаења, практичните примени низ живото искусување и креативноста, во служба на осознавање и дејствување кон родово рамноправно општество.
Според тимот на „Една може!“, се работи за проект кој таргетира и вклучува жени, девојки и девојчиња од сите генерации, и деца на жените-мајки, кои се интересираат за креативно практицирање на женско културно и социјално, интердисциплинарно самојакнење.
„Проектот има за цел да ги зајкне учесничките, да ги информира и стекне со знаење и вештини за разбирање на родовите нееднаквости, во контекст на оптественото функционирање, но и во контекст на индивидуалните права. ‘Жените можат!’ воведува уникатни приоди и методологии за да ја подигне свеста на учесничките за различните нерамноправни улогуги и одговорности на жените и мажите во секој поединечен контекст. Исто така, проектот ќе овозможи граѓанска едукација за правата, потребите и препораките за воспоставување на родова еднаквост, теоретски, практични и креативни интердисциплинарни, неформални работилници“, велат од „Една може!“
Првата интердисциплинарна работилница се одржа во мај, а настани во рамки на проектот се најавени и во периодот од септември до декември.
Проектот се имплементира преку единствената „грас рут“ граѓанска организација „Една може!“, а со поддршка на Министерство за Култура на Република Македонија.