Жени во Иран танцуваат за поддршка на уапсената тинејџерка поради Инстаграм видео

Иранки танцуваат во јавност и објавуваат видеа на интернет во протест поради апсењето на младата тинејџерка Медех Хоџабри, која објавувала видеа како танцува без хиџаб на својот популарен Инстаграм профил.

Хоџабри имала илјадници следбеници поради нејзините видеа на кои танцува на звуците на иранските и западните поп и рап песни. Танцовите најчесто биле во нејзината соба без марама на главата, која е задолжителна за жените кога се појавуваат во јавност во Иран.

A post shared by MahiMaedeh (@maedeh_hozhabri) on

Сепак, случајот предизвика голем број корисници на социјалните мрежи да почнат да објавуваат пораки и видеа во поддршка на младата девојка, користејќи хаштази кои можат да се преведат како #Танцувањето_не_е_криминал.

Покрај за облеката, иранските власти имаат и строга забрана за танцување со припадници од другиот пол во јавност, освен пред блиски членови на семејството.

Државната иранска телевизија пренела дека Хоџабри го признала делото во петокот. Според дел од медиумите, последниве недели биле уапсени уште неколку други жени кои танцувале онлајн.

„Доколку им кажете на луѓето од другите земји во светот дека 17 и 18 годишни девојки се уапсени танцување, среќа и убавина, со обвинение дека шират непристојност, додека силувачи на деца и останати се на слобода, ќе ви се смеат! Бидејќи за нив, тоа е неверојатно“, коментирал блогерот Хосеин Ронаги.

Една корисничка на Твитер објавила видео како игра со порака: „Танцувам за тие (властите) да видат и да знаат дека не можат да ни ја одземат среќата и надежта преку апсење тинејџерки и девојки како Медех“.

Ова не е прв пат во Иран да се апсат лица поради танцување. Претходно оваа година, службено лице од градот Машад било уапсено по излегување на снимка која покажува мажи и жени кои играат во трговскиот центар во градот. Во август беа уапсени шест лица поради танцување зумба.

Во 2014 година, шест млади Иранци, кои објавиле видео како играат на хит-песната „Happy“ од Фарел Вилијамс на улиците и покривите на Техеран, добиле условни казни од една година затвор и 91 удар од камшик.