Жени ќе можат да управуваат со метро-возови во Москва, откако се укина забраната за работа

Москва вработи жени кои ќе управуваат со метро-возови за првпат по неколку години, објавија од транспортната компанија, јавува „Евроњуз“. Новиот список на вработени се состои од 12 жени кои сега работат на линијата Филјовскаја, која го поврзува западниот дел на Москва.

Досега, жените можеа да работат единствено во самото претпријатие, а долго време им беше забрането да бидат ангажирани на возачкото место на метро-возовите. Ова се должи на промената на историската легислатива која не им дозволуваше на жените да работат во одредени професии, особено ако работата се сметаше за штетна по здравјето.

Последниот регистар на забранети работни места беше донесен во 2000 година, но, со него не беа отпуштени жените од работните места што веќе ги имаа. Меѓутоа, последната жена која управувал со метро-воз дала отказ во 2014 година.

Руското Министерство за труд во септември конечно издаде декрет за промена на ваквото правило кое беше наголемо критикувано, со што се намали бројот на машки професии од 456 на околу сто.

Московското метро пак, преку соопштение претходно посочи дека тие „постојано барале дозволи“ за да им се дозволи на жените да бидат на таква позиција, додавајќи дека тие веднаш започнале со обуки, штом добиле зелено светло.