„Жената како целосно човечко битие“ во новата изложба на Annie Leibovitz

Една од најпознатите светски фотографки на портрети, Американката Annie Leibovitz вели дека повеќето од нејзините модели повеќе би сакале да се на забар отколку пред апаратот. „Ако сакаат да ги сликам, нешто не е во ред со нив“, вели Leibovitz.

Таа пред неколку дена се обрати на отворањето на нејзината нова изложба во Лондон, на која се претставени портрети на познати и влијателни жени – од бурманската активистка и политичарка Aung San Suu Kyi, Adele и режисерката Laura Poitras, до балерината Misty Copeland и приматологот Jane Goodall.

Фотографирањето на Goodall било едно од најбрзите, открива фотографката: „Имав само осум минути. Таа влезе и рече: ‘Знаеш, мразам да го правам ова. Повеќе би сакала да сум на забар’ – и јас целосно го разбирам тоа. Не знам ниту еден човек што сака да се фотографира. Нормално е да не сакаш, затоа што тогаш мораш да се справуваш со себеси и да се прашуваш кој си, всушност“, вели Leibovitz.

Таа почнала да прави портрети на жени во 1999 година, на предлог на нејзината партнерка Susan Sontag, која почина во 2004 година. Кога швајцарската банка УБС неодамна побара од Leibovitz фотографии во маркетиншки цели, фотографката предложи да се врати кон женските портрети. Резултатот е серијалот Women: New Portraits, во кој се вклучени жени со посебни достигнувања.

Балерината Misty Copeland

Балерината Misty Copeland

Leibovitz вели дека жали што не ја фотографирала германската кацеларка Angela Merkel, за која вели дека е една од најважните жени во светот денеска.

„Се обидувам, лично ја барам. Се сеќавам, кога ја фотографирав кралицата Елизабета, не можев да поверувам дека ја имам таа можност. Кога заминувавме, го прашав човекот задолжен за односи со јавност: ‘зошто таа се согласи сега?’ Таа рече: ти напиша писмо пред пет години. Има тука вистинска лекција – упорност“.

Една од жените чии портрети се изложени е трансџендер иконата Caitlyn Jenner, која е фотографирана во бел корсет, верзија која се најде и на насловната страница на Vanity Fair.

Leibovitz вели дека тоа било прекрасно искуство. „Bruce e се уште тука, но Caitlyn излезе на површина. На некое ниво, проектот не беше фотографијата, туку да и се помогне на Caitlyn да „исплива“. Сакавме да и помогнеме, да и овозможиме добар почеток. Таа беше многу тивка првиот ден и заедно гледавме слики од жени. Беше прекрасно, како да гледаш како нешто се раѓа“, вели Leibovitz.

Меѓу другите субјекти од последната изложба се и сопственичката на ресторани Alice Waters, руската манекенка Наталија Водјанова, пејачката Taylor Swift, актерката Lupita Nyong’o и феминистичката писателка Gloria Steinem. Во скоро време, Leibovitz ќе направи и портрети на Malala Yousafzai, Serena и Venus Williams и на концептуланата уметница Марина Абрамовиќ.