Жена исчистила околу 645 километри водени канали во Англија од пластика

Британката Лизи Кар собрала огромна количини на пластично ѓубре, чистејќи 400 милји водени патишта, веслајќи низ нив 22 дена.

Кар веслала низ каналите и реките на даска цели 22 дена, собирајќи шишиња, ќеси, играчки и други видови ѓубре. Го исполнила својот предизвик во неделата, со потечени зглобови и повеќе од 2000 фотографии од пластично ѓубре кое го нашла во водата,  од Годалминг во Сари, до Кендал во Кембрија.

Кар, која има 30 години, вели дека била мотивирана да го започне патувањето откако се згорзила од количината на пластика која ја видела додека веслала во басенот Падингтон во Лондон.

„На веслото ми се закачуваа пластични ќеси и што уште не. Изгледаше неверојатно – не можеш ни да веслаш во водата без пластика да ти се закачи на даската“, вели таа за Guardian.

Искуството ја натерало да дознае како водоводот, каналите и реките придонесуваат кон проценетите 8 милијарди тони пластика кои завршуваат во океаните секоја година.

„Имав чувство дека мора да се направи нешто за да се подигне свесноста за фактот дека нашите канали и реки се полни со ѓубре. Има огромно глобално внимание посветено на океаните, што е многу важно, но 80 проценти од тоа ѓубре доаѓа од внатрешните извори“, додава Кар.

Таа нашла голема разлика меѓу поруралните области во Ланкашир и Кембрија, кои биле „релативно чисти“, и градовите во кои нашла висока застапеност на пластичен отпад, особено детски пластични играчки.

Иако нејзината цел не била да ги чисти ѓубрињата, туку да ги документира, вели дека се надева дека потфатот ќе го инспирира локалното население да излезе и да помогне да се исчистат локалните критични подрачја.

Луѓето кои ги сретнала по патот биле љубезни и великодушни, вели, и сакале да направат нешто во однос на пластиката која се фрла во водите.

„Тоа е нешто што навистина им влијае, но не знаат како да направат нешто по тоа прашање“.

Физичкиот напор на стоењето на нозе додека весла по 12 часа на ден, на секаква клима, а потоа да постави камп и да спие на отворено, на крај влијаело на нејзиното здравје.

„Физички, мислам дека не сфатив колку сум била преморена додека не престанав, и седнав на земјата. Зглобовите и дланките ми се навистина потечени од држењето на веслото, и од репетитивното движење“, вели таа.

Кар почнала да весла на даска пред две години, откако и бил дијагностициран рак, кој сега се повлекува. Нејзината „пластична експедиција“, која ја опишува како „една од најдобрите авантури кои ги имала во животот“, досега собрала 400 фунти за хуманитарните организации WaterAid и WaterTrek.