Жбогар и скопски средношколци зборуваа за ЕУ-перспективи, Грета Тунберг и безбедност

„Единство“, „Заедништво“, „Шенген зона“, „Бесплатно патување“, „Брегзит“, „Економски прогрес“,„Организација меѓу државите“.

Ова се првите работи што им текнуваат на средношколци од училиштето „Панче Арсовски“ кога мислат на Европска унија. Тоа прво им дојде на памет кога зборуваа на тема ЕУ со евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој, како гостин, седна во училница од скопската гимназија.

Учениците размислуваа, коментираа, прашуваа, а Жбогар од „жешкото столче“ одговараше на теми поврзани со безбедноста во Унијата, миграција, за квалитетот на образование, како влијае смената на името на земјава кон ЕУ, па се до екологија и стандарди во животната средина. Освен разговорот, учениците и Жбогар на себе облекоа и маички „Еко активизам“, па со црни кеси и ракавици заедно се пуштија да собираат расфрлано ѓубре спроти школото – во паркот на потегот пред Железара.

„Досега имавме повеќе средби со средношколци, во разни градови. Настаните се охрабрувачки. Со средбите гледаме дека Грета Тунберг не е исклучок на овие генерации. Туку, ја дефинира новата генерација. Млади луѓе размислуваат, заземаат ставови за разни проблеми, тоа е  супер“, рече Жбогар на стартот од средбата.

Жбогар ги наброја основите на Унијата, вредностите, демократијата, почит на човековите права, солидарност, толерантност, владеење на правото, стабилност… Сите работи што, вели тој, се бенефит за земјите-членки.

„ЕУ репрезентира 500 милиони луѓе и 28 земји. ЕУ ги зајакнува меѓународните односи. Ние велиме дека ‘ЕУ е моќ за добробит’. Промовира добри работи, мултилатерализам, решава проблеми на мирен начин, превенира конфликти, се бори против смртна казна, против климатски промени. Тоа единствено може да функционира на ниво на заедништво. ЕУ е мировен проект. Го задржи мирот веќе 70 години во Европа“, вели тој.

Секако, посочи Жбогар, ЕУ се соочува и со некои предизвици. Брегзит е еден од нив. Постојат внатрешни и надворешни предизвици. Односно – внатрешно, некои земји ја земаа ЕУ здраво за готово, а некои, нагласи тој, заборавија што е ЕУ.

„Заборавија на вредностите, пример, Полска и Унгарија за владеење на правото. Ова создава мали кризи во самата Унија, па бараме нови решенија и алатки. Постојат и реални, и нереални стравови од миграција. Популистичките движења, во сами членки-држави, се зајакнаа. Некои политичари велеа дека ЕУ нема одговори за мигрантската криза. Сепак, на последните избори видовме дека тоа не е така страшно како изледаше, бидејќи вакви популистички движења, политики не влегоа во Европскиот парламент“, нагласи тој.

Во однос на земјава, потенцираше дека сите го чекаат 15 октомври, дали ќе се отворат преговорите. Земјите-членки ја носат одлуката, додаде тој, а Европската комисија беше многу јасна.

„Туск исто така беше јасен, дека направивте се’, но сега е на земјите-членки да ја отворат вратата. Сигналите се јасни. Јас сум оптимистичен. Ќе видиме. Ако тоа се случи, ако се отворат преговорите, мораме да се фокусираме на владеење на правото. Што е добра вест за државата. Бидејќи го видовме случајот ‘Рекет’ и други шокирачки работи“, забележа Жбогар.

Од средношколка стигна прашање: „Зошто во некои земји на ЕУ, полицијата не може на граѓаните да им гарантира безбедност по 20 часот“, на што Жбогар одговори со: „Се сомневам дека е точно“.

„Доаѓам од Словенија, ова не е случај во Словенија. Некогаш во Македонија, кружат одредени легенди меѓу луѓето, кои не се точни. Пример, за Словенија се верува дека не можеш да се преселиш во Љубљана, ако не си од Љубљана!? Како може да се верува во такво нешто? Тоа би било против човековите права! Дискриминација. Можеш да се селиш и движиш во Љубљана кога сакаш, колку сакаш. Само што, во Словенија, за разлика од Македонија, нема притисок да се селиш во Скопје за подобар живот, бидејќи земјата ги развива останатите региони“, нагласи евроамбасадорот.

Во однос на планот за мигрантите, Жбогар рече дека Унијата нема експресен одговор. Повторно ги спомена популистичките движења, кои само ги разгоруваат темите со тврдења од типот „мораме да ставиме ѕидови, да штитиме, да спречиме влегување, мораме да ги испраќаме назад“.

Тоа, според Жбогар, не е одговор. Луѓето ќе продолжат да доаѓаат. Но, секако мора да постои ред и во миграциските процеси.

„Прво, на ЕУ и е потребна миграција. На сите земји-членки им се потребни луѓе од странство. Тоа го сведочам во Словенија, но и како Германија бара доктори, сестри, работници… Но, ова е тоа – создавање ред во миграцијата. Проблем е миграцијата од Африка, се движат 20 милиони луѓе. Сите ја гледаат Европа како ‘ветената земја“. И претходната Комисија започна разговори како да се помогне за развој на земјите. Да се вложува во нив. Луѓето се селат бидејќи немаат живот, немаат работа“, вели тој.

Во поглед на тоа што добиваме со менување на името, Жбогар е дециден. Државава, потенцира, нема блокади да оди напред, кон ЕУ и НАТО. Го спомена и Преспанскиот договор, недоразбирањата со соседите, па се надева октомври ќе отвори ново поглавје за Македонците.

„Во последните 10 години видовме дека блокадите не и помогнаа на земјата. Македонија одеше наназад. Заклучокот беше дека, на тој начин, нема иднина, туку секоја година беше полоша. Се сеќавам дека Македонија ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација (САА) пред Хрватска (во 2011), а Хрватска веќе влезе во ЕУ“, рече тој.

На прашањето од ученик „Што е лошата страна на ЕУ“, Жбогар испорача насмевка „Зар сакате тоа да го одговарам? Овде сум да ја промовирам ЕУ“. Сепак, смета дека можеби лоша страна на ЕУ е лошата страна на глобализацијата, која не е директно поврзана со активностите и заложбите на ЕУ.

„Сите стануваме идентични. Истите продавници се насекаде. Носиме исти облеки, изгледаме исто. Зборуваме исто. Но, тоа е глобализација. Губиме специфичност на секоја нација. Каде и да одите во Европа, таму се ‘Zara’ и ‘H&M“. Toa e досадно. Исто така, земјоделството. Во Словенија, обично одиме на пазар, купуваме од ист човек. Тој продава се помалку и помалку, бидејќи не може да се натпреварува со големиот пазар, со продажба на производи од Шпанија и Холандија. Тие производи никогаш не виделе сонце. Растени се внатре, вештачки. Но, се многу поевтини и луѓето ги купуваат. Тоа е борбата на локалците. Затоа, пак, сите странци што доаѓаат тука во Македонија, се возбудени за зеленчукот и овошјето. Вкусот што некогаш бил во нашите земји. Сепак, поголемата слика на ЕУ е борбата за сите, моќта да се избори за сите. Не се бори само за членките на ЕУ, туку и за човештвото. Пример, климатските промени не може да се лимитираат само на ЕУ, туку е глобален проблем за цела Земја. Исто и за Амазон, но и за човековите права итн“, рече Жбогар.

Неколку ученички, во еден глас одговорија „ДА“ кога тој ги праша дали ја поддржуваат Грета Тунберг.

Потоа, истите ученички возвратија со прашање за квалитетот на образованието во државава. Особено што земјава е меѓу последните кога станува збор за вложувања.

„Останува на самата земја да го организира образованието. Она што е позитивно е што може да добиете повеќе фондови за обнова, опрема, ќе станете дел од ‘Еразмус’ програмата, а секој студент ќе може да студира во универзитет во друга земја. Тоа, е еден од најдобрите инструменти на Унијата. Младите го сакаат. Пријателства и едукација. Школите ќе можат повеќе да учествуваат во ‘Еразмус’ програмата. Размените се отворени, но системот останува за самите членки“, нагласува тој.

Невложувањето во образованието го окарактеризира како „страшно“ и „алармантно“.

„Ова училиште изледа убаво, но постојат школи во ужасна состојба. Пример, бевме во Гургурница, немаше тоалети, тие беа надвор. Зборуваме за состојби од пред два века. Образовниот систем не може да се смени веднаш. Треба континуитет, следење на трендовите, потребите, особено со дигиталната ера, многу брзо се менуваат работите. Можеби ќе добиете смарт-табла, но потребно е и нова настава и едукација“, рече тој.

За еколошките прашања, нагласи дека планините и природата во Македонија се одлични. Лично сака планинарење, па позитивно е што планините се зелени, до врвовите. Пример, Титов врв или Кораб.

Тоа е добрата работа, а лошата е што недостасуваат планинарски домови.

„Исто така, ѓубре се среќава насекаде. Позитивно е што во последниов период се појавија еколошки организации и инцијативи. Креваат свест, а со своите акции повикуваат на пример и прават притисок за промени на политиките. Животната средина е еден од најтешките поглавја при преговорите. Затоа што ќе мора да се адаптирате со стандардите, кои се ригорозни. Ова важи и за индустријата, и за останатите чинители, но требаат и функционални институции да го мониторираат процесот. Ова е тешко, и скапо поглавје. Треба вложување, а ќе има голем ефект врз граѓаните. Исто така, стандардите се високи и за храната, контрола на она што јадете. Бев на состанок во граѓани во кафуле во Велес, ми кажуваа дека не знаат што се наоѓа во ѓубривото, а го користат за зеленчуците што се јадат“, рече тој.

Амбасадорот им порача на учениците да имаат самодоверба и да не се откажуваат од земјава. Може да одат да студираат или работат во странство, но, заклучи тој, убаво е да се вратат и вложуваат тука, кај што имаат пријатели, семејство, работи што се врзани цел живот.

Настанот беше организиран во склоп на Проектот за младинско изразување на МОФ, финансиран од Европската Унија.

Бојан Шашевски