Жана Живадиновиќ: СОНК ги разрешува најдобрите синдикалист(к)и

Откако и еден од најценетите и најгласни скопски професори кога се работи за правата на средношколците, Душко Стојановски соопшти дека без негово знаење бил исклучен од СОНК, со свој став се огласи Жана Живадиновиќ од Наставничкиот пленум. Нејзината реакција ја пренесуваме во целост:

„ По серијата присилни разрешувања кои изминатиот период ги направи Советот на СОНК, меѓу кои се вбројуваат поништувањето на изборот на Фанче Јошевска за претседател на синдикалната организација во ОУ „Елпида Караманди“ во Битола и разрешувањето на Душко Стојановски, претседател на синдикалната организација во СУГС „Орце Николов“ во Скопје, уште еднаш се покажа жолтото лице на синдикатот и самоволието на највисокото раководство.

Имајќи предвид дека 70% од членовите на синдикалните организации во Битола, чиј претседател на Регионален одбор беше токму Фанче Јошевска го подржаа штрајкот на наставниците организиран од СОНК, а истовремено гимназијата Орце Николов беше доживеана како симбол на неподлегнување на безмилосните притисоци, останува нејасен фактот зошто токму овие докажани борци за работничките права на наставниците се денес непогодни за раководството на СОНК.

Доколку еден синдикат не само што не сака да ги заштити членовите кои го кренале својот глас и застанале на прва линија во одбрана на правата и условите во кои работат туку и истите ги брка од своите редови, како тој ист синдикат може да гарантира заштита на другите членови кои би се нашле во неповолна позиција?
Не заборавајќи ги самоволно донесената одлука за прекин на штрајкот на наставниците, нетранспарентниот процес на преговори со Министерството, вербалните и писмени закани кон Наставничкиот пленум и сопственото членство и најновата „чистка“ на гласноговорници, останува прашањето чиј углед штити СОНК?
На наставниците не, секако. Барем не на оние самомислечките, со сопствен став и интегритет. А, толпата? Толпата е секогаш лесно да се следи. И власта, би додала.

Оттука, потенцирајќи ја важноста на еден силен синдикат, сметам дека СОНК ги потроши сите карти на кои можеше да игра, па затоа е време да се роди нов синдикат кој вистински ќе ги застапува интересите на сопственото членство. Инаку, зошто би му плаќале?“