Зголемување од 56% на бројот на новозаразени со Ковид-19, покажува извештајот на ИЈЗ

Нови 3.628 случаи на Ковид-19 од 32 градови во земјава се регистрирани во периодот од 22 до 28 февруари годинава, односно, зголемување од 56.4% во однос на минатата недела, покажува новиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), информираше Министерството за здравство (МЗ).

Во истиот период тестирани се вкупно 20.161 материјал во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2 или 27.2% повеќе во однос на минатата недела. Процентот на позитивност, како што додаваат од ИЗЈ се движи од 12.0 до 21.7 отсто, односно во просек 17.9 отсто.

„Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, 1675 или 46.2%, со неделна инциденца – 271.2/100.000. Највисока неделна инциденца од 681.1/100.000 е регистрирана во Неготино и Кавадарци 641.4/100.000“, стои во нивното соопштение.

Од ИЈЗ посочуваат дека регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, додека најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години, 911 случаи или 25.1 отсто.

„Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39, 666 случаи или 18.4%, 40-49, 660 случаи, односно 18.2%, 50-59, 612 случаи или 16.9% и 20-29, 530 случаи или 14.6%. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9, 61 случај или 1.7% и 10-19 години, 188 случаи или 5.2 отсто“, се додава во извештајот на ИЈЗ.

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 1.766 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, идентично во споредба со минатата недела, стои во извештајот на ИЈЗ.

„Пријавени се 69 смртни случаи од 20 градови, за еден случај помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 60 лицa биле над 60 години, 5 лица на возраст од 50-59 години, 3 лица на возраст од 40-49 години и едно лице на возраст од 30-39 години“, додаваат оттаму.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 22 до 28 февруари 2021, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб-страницата на Институтот за јавно здравје.