Зголемени глоби за несовесните сопственици на кучиња, предлага ДОМ

Пратеничките од ДОМ, Маја Морачанин и Лилјана Поповска, подготвија Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните. Покрај нив, предлагачи на Законот се и пратеничките Снежана Калеска-Ванчева и Милева Горгиева од СДСМ, Никица Корубин од ЛДП, Мирсада Емини-Асани и Шпреса Хадри од ДУИ и независните пратенички Ирена Стефоска и Ивана Туфегџиќ.

„Со Предлог-законот ќе се спречи неконтролираното зголемување на бројот на улични кучиња, кои во најголем дел потекнуваат од размножувањето на домашните миленици. Секое куче женка во репродуктивен период продуцира десетина младенчиња годишно и најголем број од нив завршуваат на улица како улични кучиња. Со законските измени се воведува обрска за сопствениците на кучиња во репродуктивен период, да ги кастрираат, односно ојаловат своите кучиња во овластени ветеринарни амбуланти, болници и клиники, на сопствен трошок. Исклучок се сопствениците кои имаат регистрирано одгледувачници на кучиња. За неспроведување на оваа законска одредба се предвидува глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност“ се наведува во соопштението.

Предлог-законот предвидува зголемување на глобите за сопствениците на кучиња, доколку не ги пријават своите кучиња еднаш годишно во ветеринарните установи, со цел регистрирање и идентификување, не постават табла на влезната врата во дворот за присуство на куче, не ги врзуваат кучињата на поводник кога се на јавно место, не го пријават леглото од своите животни во овластена ветеринарна установа, не ги идентификуваат младенчињата пред да ги вдомат и не ги пријават лицата кај кои ги вдомиле. За овие прекршоци, глобите за правните лица ќе се зголемат од сегашните 100 на 700 евра, а за физичките лица од 10-15, на 100 евра во денарска противвредност.