Зголемена продажбата на старите модели на мобилни телефони

Продажбата на старите модели на мобилни телефони се зголемува, бидејќи потрошувачите се повеќе бараат начини да се исклучат од технологијата на која многумина се потпираат во работата и секојдневниот живот.

Телефоните кои не се поврзани со Интернет и им овозможуваат на корисниците да прават само повици и да испраќаат текстови стануваат сè попопуларни, а продажбата се зголеми за 5 отсто минатата година.

Спротивно на тоа, продажбата на паметни телефони се зголеми за само два проценти.

Покрај можноста за луѓето да се исклучат и да бидат повеќе свесни за нивната околина, овие телефони се популарни кај постарите луѓе кои сметаат дека паметните телефони непотребно се сложени за употреба.

Новата статистика дава огромен контраст со неодамнешните истражувања во Велика Британија, кои покажаа дека 78 проценти од јавноста верува дека не може да живее без паметен телефон.

Според „Офком“, 92 проценти од луѓето веруваат дека да се има телефон со интернет конекција е од суштинско значење.

Сепак, двајца од пет луѓе сметаат дека премногу долго трошат време на своите паметни телефони, поради што некои го прават пренасочувањето кон обичните телефони.

Психологот Дарија Кус верува дека зависноста од паметни телефони е реална: „Корисниците можеби се свесни дека ги користат премногу, но не можат да се спречат”.

„Стравот да пропуштат нешто што може да се случува на нивните социјални медиумски канали е една од причините зошто тие ги користат компулсивно и ова може да доведе до појава на симптоми кои се поврзуваат со зависноста како повлекување, преокупација и губење на контрола. ”

Еден од најпопуларните обични телефони на пазарот е Nokia 3310 што чини околу 49,99 фунти – значително помал износ од најновите смартфони, кои се продаваат за стотици фунти.