Зголемен бројот на жените од Малта кои онлајн купуваат апчиња за абортус

Жените во Малта трагаат по опции за абортус во време на пандемијата од Ковид-19 и се присилени самите да го обезбедат абортусот или да продолжат со несаканата бременост, дури и во услови кога плодот страда од тешки абнормалности.

Странските хуманитарни здруженија известија за голем раст во побарувачките на апчиња за абортус од жените во Малта за време на пандемијата. Жените на онлајн платформата „Веб“ која се наоѓа во Холандија, добиле 45 барања за апчиња од март до април и 18 во февруари, додека 3 од жените кои ја побарале ваквата помош се изјасниле дека биле силувани од страна на нивниот партнер за време на карантинот.

Мрежата за поддршка на абортусот, британска хуманитарна организација, исто така забележила раст во побарувачките на апчиња. Пред пандемијата, просечниот број на жени кои месечно барале помош бил 7, но тој се искачил на 13 во март и април и 19 во мај.

Малта е единствената земја во Европската унија која го забранува абортусот дури и во случаи на силување, инцест и ризик по здравјето на жените. Абортусот во Малта се казнува со тригодишна казна затвор.

Се проценува дека помеѓу 300 и 400 жени од Малта секоја година патуваат во странство за да го остварат правото на абортус, а најчеста дестинација за ова им е Велика Британија. Во 2019 година, 58 жени од Малта допатувале во Британија за абортус.

Но за време на пандемијата, летовите се забранети и воведен е карантин, па жените не можат да ја напуштат земјата и дел од нив илегално порачуваат апчиња за абортус.

Докторите од „Матер Деи“, забележале раст во бројот на жени кои страдале од некомплетни абортуси, а се сомневаат дека најголем број од компликациите настанале поради абортуси на „своја рака“ при што се користеле апчиња купени онлајн. Медицинскиот персонал засведочувал како жените се приморани да раѓаат абнормални фетуси, вклучувајќи бебе со тешки мозочни дефекти.

Професорката Исабел Ставил, која води приватна гинеколошка ординација истакнала дека е длабоко загрижена од растечкиот број на жени кои стануваат жртви на, како што вели таа, „драконскиот закон за абортус“ во време на пандемијата. Таа е единствената личност која во јавност ги споделува свои про-избор ставови, па многу од жителките на Малта се чуствуваат удобно да ја контактираат.

„Жените со кои зборував се чувствуваат заробени. Бев во можност да помогнам на пациентка да стапи во контакт со Велика Британија бидејќи нејзиниот плод страдаше од тешка абнормалност. Но, ова е изолиран случај и многу жени мораат да ја продолжат нивната несакана бременост“, вели таа.

Извор: Guardian