Згаснатиот вулкан кај Косел ќе стане училница на отворено по географија

Дувало“, активната поствулканска појава која се наоѓа во непосредна близина на селото Косел, недалеку од Охрид, ќе стане отворена училница по географија. Во иднина, се очекува местото да биде посетувано од страна на бројни ентузијасти од областа на геологијата, географија, сеизмологија, заштита на природата.

Станува збор за проект на Здружението за одржлив развој „Синиот Проект” од Охрид чија цел е да се подигне степенот на заштита и промоција на природната рекост „Дувало“ преку вклучување на локалната заедница.

„Има изглед на минијатурен кратер со пречник од 0,5м и длабочина од 30см. „Дувало“ претставува последен знак на изумирање на некогашна вулканска активност во регионот. Сулфатарата Дувало во Косел е поствулканска појава, една од ретките од ваков вид во овој дел на Европа. Со самиот ваков карактер сулфатарата преставува природен феномен, поради што во 70-тите од страна на Собранието на Општина Охрид се стекнува со статус на природна реткост“, појаснуваат од здружението.

Оттаму посочуваат дека со проектот ќе се превземат конкретни активности за заштита и промоција на овој феномен со цел во иднина да стане атрактивна туристичка дестинација.

Проектот е дел од Програмата за подобрување со управувањето на заштитените подрачја, финансирана од Европската унија, а имплементирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање.