„Земјотрес“ на 2 февруари во МКЦ

Младинскиот културен центар во Скопје ги објави изведувачите кои ќе настапат на седмото издание на фестивалот „Земјотрес“.

Фестивалот ќе се одржува на 2 февруари во МКЦ, со почеток од 19 часот, па до 5 часот наутро.

„Земјотрес во Скопје удира токму во миговите кога луѓето ќе го изумат чувството за заедништво. Кога ќе снема минимален заеднички интерес, кога моралот не е во мода веќе. Фестивалот Земјотрес е ритуал за јакнење на заедништвото на квалитетната македонска музичка сцена, со желба да покажеме релевантна содржина во време на инстант потрошувачка и вредности вон континуитет. Генерациите, музичките стилови, па и идеалите се менуваат, но алтернативната културна понуда е есенцијална за поттикнување на духот на новите, се побројни сограѓани со пософистицирани естетски потреби“, велат од Младинскиот културен центар.

Како дел од програмата за годинава, се потврдени следните изведувачи:

• 3Grama & Silent G
• Anna O.
• Matej Foltz
• Funk Shui
• Goran Kan
• Herzel
• Irie Scratch x Gloomié
• Ki Oficijalna Stranica
• Mirko Popov
• Monoglitch
• Pikolomini
• Pluto’s Doubts
• Reduced To Ashes
• SAM x Druggy
• Stagnator
• ЅРЕТИ
• The Local Blue
• Bodan Jamakoski
• Димитра
• Исток Улчар
• Kulturno Umetnicki Rabotnici
• Пепел
• Фосфен // Fosfen

Претпродажбата на влезници (во ограничен број) започнува на 14-ти јануари и можат да се набават на билетарата на МКЦ по цена од 150 ден. за првите 500 посетители, а по 200 ден. потоа.