Земјоделството може да биде привлечна работа за младите


Васил и Милица Петрушевски се брат и сестра кои се познати по производството на органска храна. Тие вчера својата работа ја претставија пред студентите на Факултетот за земјоделски науки и храна од каде порачаа дека на земјоделството му е потребно модернизација.

Според нив, земјоделството може да биде привлечна работа за младите независно од нивното образование бидејќи како што велат, во него има простор да се биде и иноватор кој ќе има за задача да се погрижи да создаде добар производ и продавач и маркетинг креативец и, најважно од се’ да се заработува пристојно.

„Како идни агрономи, утре ќе треба да се справите со ситуации кога нема да има вода, кога нема да има сонце и кога ќе треба во секоја временска прилика и под секакви околности да се произведе храна“, рече Васил.

За него и за Милица тоа е познато, бидејќи не само што произведуваат и продаваат храна, туку се грижат тоа да го направат со што е можно помалку загуби и фрлање храна, бидејќи тоа значи и загубен профит. Тие го презентираа својот модел на аквапонско фармерство, како и бизнис пристапот кој прави нивната фарма да има минимални до никакви загуби и фрлање храна.

„Јас не можам да го разберам тоа дека некој производител на храна, било да е земјоделец или било кој, има ‘вишок храна’. Тоа е надвор од било каков концепт за бизнис. Дури и еден земјоделец треба да го планира производството. Еден е моментот кога садите и мислите на сето она што и е потребно на таа една семка. Друг е моментот дур стигне до берење; трет е моментот кога треба да се грижите за берењето да биде соодветно за да не бидете во ситуација да фрлите нешто и да бидете во загуба. Четврти момент е складирањето до пазар…. a веќе сосема друг треба да е пристапот за да го продадете – како ќе го спакуваате, во што ќе го спакувате, количински колку ќе ставите во едно пакување, каде ќе го пласирате и дали некој ќе го купи“, рече Милица при своето обраќање пред студентите и професорите.

Нивното предавање беше дел од целодневен настан организиран од Банка за храна, каде беа вклучени повеќе дискусии и презентации поврзани со иднината на земјоделието и целиот систем за производство на храна во Република Северна Македонија.

 

Студентите за прв пат имаа можност да слушнат за банкарството со храна и можноста да ‘ја спасат’ храната да не заврши во отпад, туку на нечија трпеза.

„Знаете зошто маркетите фрлаат? Едно бидејќи со некои имаме реален проблем околу чување на храната – не ги раздвојуваат месото од другите производи. Друго, ако денес имате десет луѓе кои ќе поминат покрај лимоните, десет луѓе и ќе ги пипнат лимоните. Ќе ги стиснат малку и утре пак, и денот потоа, и на крајот имате лимон кој за многу побрзо време ќе скапе. Трето, имате маркети кои не ќе го тргнат на страна тој еден лимон кој веќе омекнал и почнува да скапува. Од тој еден лимон потоа, имате и други лимони кои почнуваат да скапуваат. Да не зборуваме пак за храната, за производите кои се подложни на температурни шокови – во ладнилник, па изваден надвор од ладилник, па повторно во ладилник“, посочи Александра Силовска Николова, асистент за тенологија за месо при Факултетот за земјоделски науки и храна.

На настанот беше презентирана и активноста на меѓународната организација и иницијативата „Save Food” која во претстојниот период ќе соработува со факултетот и студентите за решавање на проблемот со вишокот храна. Присутните се согласија дека оваа тема треба да се актуелизира и меѓу самите производители и да им се помогне да ги разберат проблемите со загубите и фрлањето храна.

ВСС Ефект е тригодишен проект кој го спроведуваат Банка за храна МК, Организација на жени од Струмица, СИБАХЕ- Словенечка Банка за храна и Европска федерација на Банки за храна (ФЕБА). Проектот е финансиран од ЕУ.