Земјоделците од Чешиново-Облешево собраа 800 килограми пластика со селектирање на отпадот

Над 800 килограми отпадна пластика од земјоделството се собрани изминативе два месеци на 5 локации во општина Чешиново-Облешево преку селектирање во специјални садови.

Станува збор за проект за подигнување на свеста за влијанието на отпадот врз климатските промени, кое го спроведуваше Здружението „Еко Тим Исток“ од Кочани, во партнерство со Општина Чешиново-Облешево и „Екопроект-Ко“ ДОО од Кочани.

Изминатиов период, отпадот кој се селектираше го презеде фирмата „Екопроект-Ко“ за механички третман и рециклирање. Земјоделците и преработувачки капацитети, пак, преку средби, состаноци и печатени материјали, се запознаа со системот за правилно постапување со отпадната пластика од земјоделството.

„Ова претставува одлична можност за да отпадот не заврши по нивите, или измешан со другиот отпад. Сметам дека идејата е многу добра, дека системот ќе функционира, и апелирам на зголемување на бројот на собирни места во општината“, изјави Бобан Арсов, земјоделец од село Чифлик.

„За мене одлагањето на отпадот на посебно место стана навика, дури и другите дома ги терам да ја собираат пластиката и истата ја носиме во специјалните садови“, додава Љупчо Ангелов, земјоделец од Чешиново.

Активностите од проектот започнале уште во септември, но беа заокружени со вчерашната онлајн конференциј на која беа презентирани спроведените активности и постигнатите резултати од проектот.

„Проектот нема да заврши тука, со заедничко делување се надеваме дека успешната приказна ќе продолжи, во нови проекти кои ќе ги следат искуствата но и препораките на сите засегнати страни“, најави Ирена Мирчовска, координаторка на проектот.