Земјата загубила повеќе од половина од дрвјата

Земјата загубила повеќе од половина од нејзините дрвја откако луѓето почнале да ги сечат, откриваат научниците. Според најновата студија, денеска на планетата има околу три трилиони дрвја, но ова претставува само 45 отсто од вкупниот број на дрвја што ги имало пред порастот на човечката популација.

Со користење на комбинација меѓу сателитски мапи, податоци од истражувања за шумите и суперкомпјутер, научниците за првпат успеале прецизно да ја проценат количината на дрвја кои растат на сите континенти, освен на Антартикот.

Претходните пресметки за количината на дрвјата беа дека има околу 400 милијарди, или 61 дрво за секој жител на Земјата. Меѓутоа, според новата студија, се покажало дека за секој човек на планетата Земја има во просек 422 дрвја.

И покрај тоа што оваа бројка е осум пати поголема од претходната, научниците предупредуваат дека тие премногу се сечат, односно 15 милијарда дрвја се сечат годишно, со највисоки загуби во тропските предели каде се наоѓаат некои од најстарите и најголемите дрвја.

Научниците пресметале дека 1.9 трилиони од дрвјата растат во тропските и суптропските шуми, околу 0.6 трилиони во регионите со умерена клима како во Америка и Европа и 0,74 трилиони во шумите во повисоките и северни предели на Канада и Сибир.

Мапирањето на дрвјата во светот треба да ја покрене свеста кај луѓето за нивната важна улога во животниот систем на Земјата, објаснува главниот автор на истражувањето Thomas Crowther од Универзитетот Јејл во Конектикат, кое претходно беше објавено во списанието Nature.

Во истражувањето биле вклучени 40 истражувачи од 15 држави. Тие ги документирале ефектите од намалувањето на зелената површина и од нивното трансформирање за потребите на земјоделството во последните неколку години.

Тие откриле дека со зголемување на човечката популација, бројот на дрвјата се намалува, како на пример во Европа каде бројот на дрвја драстично е намален во последните стотина години како последица на човечкиот развој.