Земјата ризикува да се претвори во „стакленик“ со температури повисоки за 5 степени, предупредуваат научниците

Светот се наоѓа во ризик да се претвори во жежок „стакленик“ со просечни температури кои би биле повисоки за 4 до 5 степени целзиусови, дури и ако се намалат емисиите на гасови според глобалниот климатски договор, наведува нова студија од реномирани научници.

Публикацијата е објавена во списанието на Американската академија на национални науки и во него се наведува дека доколку биде надмината максималната критична граница, неколку процеси ќе придонесат до огромни промени. Меѓу нив се споменува топењето на површините под вечен мраз, губењето на метан хидратите од окенското дно, губењето на арктичкиот морски мраз и намалувањето на ледените површини во морињата околу Антарктикот.

„Овие елементи кои можат да имаат пресврт, на крајот можат да бидат како редица домино коцки. Кога една ќе биде соборена, ја турка Земјата кон соборување на другата коцка. Може да биде многу тешко, или дури невозможно, да се спречи целиот ред на домино коцки да се сруши. Делови од Земјата ќе станат непогодни за живот доколку „Земјата-стакленик“ стане реалност“, објаснува Јохан Рокстром, коавтор на истражувањето и извршен директор на Центарот за одржливост од Стокхолм.

Покрај научниците од Центарот во Стокхолм, во истражувањето учествувале и експерти од Универзитетот во Копенхаген, Националниот Универзитет на Австралија и Институтот за климатски влијанија од Потсдам.

Тие велат дека „Земјата-стакленик“ најверојатно ќе биде опасна по многумина и нема да може да се контролира. Реките ќе се преливаат, бурите ќе предизвикуваат ужаси врз крајбрежните заедници, додека коралните гребени ќе ги снема – се тоа до крајот на векот, а можеби и порано.

Според нив, глобалните температури ќе ги надминат и оние историски периоди кои доаѓале помеѓу ледените доба. Топењето на поларните ледени површини драстично ќе го покачи морското ниво, што ќе доведе до поплави на крајбрежните земјишта кои претставуваат дом за стотици милиони луѓе.

Договорот од Париз, потпишан во 2015 година, предвидува дека глобалното затоплување ќе се задржи под два целзиусови степени во споредба со нивото пред индустријализацијата. Но, според студијата, ризиците за домино-ефектот од катастрофалнипоследици можат да бидат значајни и со 2 степени покачување на температурата, што потоа може да избега од контрола.

Според авторите на студијата, за да се зголемат шансите за избегнување на ваква ситуација потребно е повеќе од просто намалување на емисиите на стакленички гасови. Научниците посочуваат дека е потребно подобрување на шумите, земјоделските површини и управувањето со почвата, зачувување на биодиверзитетот и технологии кои ќе го отстрануваат јаглерод диоксидот од атмосферата и ќе го складираат под земјата.