Дански уметник одбива да врати над 70.000 евра на уметнички музеј во знак на протест поради, како што вели, „мизерните“ услови за работа и ниската плата.
Уметникот Јенс Хаанинг доби 71.808 евра од Музејот за модерна уметност Кунстен во Алборг за да пресоздаде две претходни уметнички дела за изложба фокусирана на врската помеѓу уметноста и работниот живот.
Музејот очекуваше Хаанинг да им испрати две платна за слики што ќе ги содржат парите, на начин што ќе го визуелизира просечниот годишен приход на едно лице во Данска и Австрија.
Она што го добија беа две бели платна и белешка во која пишувало дека Хаанинг ги ставил во џеб парите со цел да создаде ново концептуално уметничко дело наречено „Земи ги парите и трчај“.
„Кураторот доби е-мејл во кој Јенс Хаанинг напиша дека ја променил работата и насловот во„ Земи ги парите и трчај“. Потоа, можевме да утврдиме дека парите не се внесени во работата“, изјави портпаролот на музејот.
Портпаролот на музејот за Еуроњуз рече дека музејот очекува да им видат вратени парите на почетокот на следната година.
„Од почетокот имавме писмен договор со Јенс Хаанинг дека парите мора да се вратат кога изложбата ќе заврши на 16 јануари 2022 година. Тој договор се уште важи“, велат од музејот.
Но, Хаанинг изјавил дека нема намера да ги врати парите од музејот.
„Не, тоа нема да се случи. Работата е дека јас им ги земав парите”, рече тој.
Уметникот изјави за данските медиуми дека неговата нова работа е инспирирана од платата што Кунстен му ја понудиле за изложбата. Според Хаанинг, тој требало да плати околу 3.300 евра од својот џеб за да ги пресоздаде двете уметнички дела.
„Ги охрабрувам и другите луѓе кои имаат работни услови исто толку бедни како моите, да го сторат истото. Ако имаат некоја посрана работа и не земаат плата, а всушност од нив се бара да платат пари за да одат на работа, тогаш земете што можете и бегајте“, рече тој.
Од музејот, пак, велат дека договорот на Хаанинг со нив вклучувал надомест за неговата работа од околу 1.340 евра. Музејот исто така ќе ги покрие неговите трошоци до 6.000 евра.
Хаанинг инсистира на тоа дека нема да ги врати парите, за кои тврди дека не се украдени.
„Не, тоа не е кражба. Тоа е прекршување на договорот и прекршување на договорот е дел од работата”, рече тој.
Од музејот Кунстен за Еуроњуз изјавија дека се подготвени да преземат акција против Хаанинг доколку парите не бидат вратени.
„Во моментов чекаме и гледаме. Ако парите не бидат вратени на 16 јануари како што е договорено, ние секако ќе ги преземеме неопходните чекори за да обезбедиме Јенс Хаанинг да го исполни својот договор”, рече портпаролот на музејот.