Зелено Тафталиџе повикува на протест: Локалната власт се обидува да урне гаража за да изградат пат за поранешен министер

„Зелено Тафталиџе“ утре од 19 часот на улица „Букурешка“ број 35 повикува на мирен протест за поддршка на соседите, со цел, како што велат, да искажат незадоволство од ирационалните проекти на локалната власт.

„На неразумните проекти на локалната власт им нема крај! Овој пат се обидуваат да урнат гаража која е во сопственост на наш сосед со цел да изградат поголем пат за поранешен министер близок со раководството на локалната власт“, стои во повикот за протестот наречен „Тафталиџе за комшиите – остави отисок“.

Од таму го посочуваат и писмото на соседот Мартин Петковски, кој вели дека населбата Тафталиџе 1 плански е формирана по земјотресот во 1963, а уште во тоа време на земјиштето е изградена куќа – чешка монтажна барака и ѕидана гаража. Во периодот на приватизација и откуп на земјиште, целото дворно место и земјиштето под зградата и гаражата им е откупено и се води на нивно име. Во последниот период тврди дека се „изложени на неправда и насилнички однос од Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски и на општинската администрација кои сакаат по секоја цена и на незаконит начин да срушат дел од имотот за интереси на поранешен јавен функционер“.

Локација на гаражата

Имено, Петковски вели дека уредно го испочитувале Законот за легализација и го легализирале земјиштето. Во 2011 поднеле барање и за легализација на гаражата, но од непознати причини таа не е заведена и по пет години чекање предметот е одбиен.

Пред две години, имотот зад нив го купиле тројца пријатели, од кои едниот тврди е сега бившиот министер Спиро Ристовски.

„Нивна желба била пристапот кој го има парцелата да го прошират на нашето земјиште односно на нашите две паркинг места и гаражата, па Општината ги превзема сите можни дејствија во најбрз можен рок да им ги исполни желбите и нас да ни го одземе пристапот до парцела за да ги задоволи хировите на Спиро Ристовски. За оваа цел Градоначалникот во експресен рок поведе барање за експропријација, кое согласно закон е неиздржано од причина што јавен интерес не постои за да се спроведе експропријација. Сепак истата беше прекината поради тоа што е поведена легализација. Во истиот ден кога е прекината експропријацијата, градоначалникот експресно ја одби легализацијата со неосновано образложение дека гаражата е времен објект иако се доставени докази дека станува збор за цврста градба врзана за земјиштето со евидентирано земјиште под зграда“, се вели во писмото.

Од општина Карпош за Радио МОФ велат никогаш не би си дозволиле да уриваат легален објект. Потенцираат дека гаражата е поставена на влез на приватен имот.

„Луѓе не можат да влезат во сопствен имот. Оттука, наша должност да урнеме доколку се работи за див објект“, соопштуваат од Карпош.

Б.Ш.