Зелени точки на чист воздух низ Македонија по ветрот, попладнево протест за долгорочно решение

По долго време, како последица на силниот ветер, мерните страници низ поголемите градови во Македонија регистрираат едноцифрени количини ПМ-10 честички во воздухот.

Оваа ретка ситуација особено ја почуствуваа жителите на Скопје. Мерната станица во Гази Баба во 10 часот регистрирала само 1 µg/m3  ПМ-10, додека истиот период, во Лисиче, се регистрирани само 4 µг/м3 ПМ-10. Сите останати скопски мерни станици се околу дозволената граница, освен станицата „Ректорат“ која забележала поголемо загадување – 113.

Во рамките на дозволените гранични вредности за загаден воздух (50 µг/м3) денеска се и останатите региони во Македонија, освен Кавадарци и Битола кои се нешто над тоа ниво. Во 14 часот измерени се овие вредности по градовите: Кавадарци (57), Битола (52), Кичево (50), Кочани (40), Куманово (31), Велес (30), Тетово (15).

Но, бидејќи ветрот нема да го реши проблемот на долг период, денеска во 17 часот во Градскиот парк во Скопје ќе се одржи протест преку кој граѓаните од главниот град до институциите ќе упатат конкретни барања, со конкретни рокови. Од промени во сообраќајот, преку зголемен број на инспекции и привремени забрани за работа на индустриски капацитети, до обезбедување на бесплатен огрев за граѓаните кои се греат на гуми.

„Загадувањето на воздухот е најголемо до сега. Болестите и смртноста поради загадениот воздух драстично се зголемуваат. Најмногу страдаат децата, кои секојдневно се движат одејќи на училиште или во градинка, но и сите граѓани кои живеат и работат во Скопје, а локалните и централните власти власти не преземаат ништо и демонстрираат тотална негрижа за здравјето и животот на населението“, пишува во повикот за протест на социјалните мрежи.

Според најавите, протестот ќе продолжи до канцелариите на Град Скопје и ќе заврши пред Влада, каде граѓаните своите барања ќе му ги достават и на премиерот.