Зелени бизниси: „Храна за сите“ – наместо да се фрли, ќе се продава поевтино до 80 отсто

„Храна за сите“ e една од трите најдобри зелени бизнис идеи што победија на конкурсот „Филантропија преку зелени идеи 2017“. Се работи за софтверско решение за продажба и донирање на непродадена храна од угостителски објекти. Концептот е едноставен. Преку веб страница и мобилна апликација ќе може да се види во кои угостителски објекти останала готвена храна која угостителите сметаат дека нема да ја продадат во текот на денот, па таа ќе се понуди за цена пониска и до 80% од редовната.

„Угостителските објекти ќе се регистрираат на нашата платформа и ќе објавуваат опис на храната која што не успеале да ја продадат во текот на денот, цена и временски период во која истата може да се подигне. На потрошувачите ќе им биде понуден преглед на сите понуди и по изборот тие ќе треба да ја резервираат со платежна картичка и ја подгинат во предвидениот временски период“, појаснува Јане Заевски, кој стои зад зелената идеја.

Идејата за ваквиот бизнис план, вели Заевски, се јавила од револтот поради секојдневното фрлање храна која е добра за консумирање. Парадоксално е, забележува, во земја со толку низок економски стандард да се фрлаат стотици тони храна.

„Гледајќи како угостителските објекти ја фрлаат храната, а наспроти нив многу семејства не можат да си ја дозволат, ми создаде револт и одбивност кој ме натера да се ангажирам на оваа тема. Со оглед на тоа што сум дипломиран економист целта ми беше да се изнајде решение коа ќе биде економски одржливо на долг рок. Проблемот на фрлена храна за жал е присутен на глобално ниво, а не само во Македонија.  Се проценува дека дури една третина од произведената храна во светот завршува на депонија. Зборуваме за храна која е во добра состојба и безбедна за консумирање“, револтиран е Заевски.

Платформата освен што ќе нуди евтина храна, вклучува и систем на донациии во средства кои ќе бидат наменети за најзагрозените ранливи категории граѓани. Параметрите на платформата се готови, но процесот на изработка е комплексен поради што бара поголеми ресурси и експертиза. Истражувањето за потребите проектот покажало дека потребата од вакво решение е најголема помеѓу објектите кои што нудат однапред приготвена домашна храна, но и кај пекарите. Сепак, посочува Заевски, секој угостител не е отворен за соработка со нив.

 

„Креирање на нов пазар на храна е предизвик  сам по себе. Еден од клучните фактори за заживување на оваа идеја е да има постојан раст на дата базата на угостители со цел понудата пласирана на платформата е обемна и може да се пронајде на различни локации што ќе ја олесни размената и трошоците.  Дополнително краткиот временски период во кој храна ќе биде достапна за подигање го отежнува самиот процес на реализација“, свесен е Заевски.

Според финансискиот план за покренување на оваа иновативна зелена идеја се потребни околу 15 000 евра. По победата во Македонија, на конкурсот за зелени бизниси органзиран од Здружението за социјални иновации „АРНО“, следно е претставување на „Храна за сите“ во Црна Гора. Победничката идеја ќе биде финансирана со 10 000 евра.

Ј.Ј.