#ЗеленаРеволиција – Fridays for future најавува нов марш за чист воздух

Под слоганот #ЗеленаРеволиција, домашната иницијатива Fridays for future за 29 ноември (петок) најави нов марш за чист воздух, кој треба да започне од 17 часот од Министерството за животна средина, а да заврши пред Влада.

„Дојди заедно да кажеме НЕ на загадувањето на воздухот и негрижата на институциите за животната средина! Да кажеме НЕ на 3.500 смртни случаи годишно директно поврзани со аерозагадувањето!“, повикуваат активистите.

Во објаснувањето зошто протестираат, Fridays for future потенцира дека на 29-ти ноември, движењето за климатска правда повторно ќе ги заземе улиците на сите светски градови.

„За време на неделата за иднината во септември 7.6 милиони демонстранти го изразија незадоволството од климатските политики на светските лидери. Овој пат, повикот за спас на планетарниот екосистем е упатен кон Мадрид, каде од 2-10 декември ќе се одржи најголемата меѓународна конференција за климатски промени (COP25). Одлуките донесени на оваа конференција ќе бидат од клучно значење за иднината на човековата цивилизација“, се вели во најавата.

Додека светот бара решение за климатската криза, забележуват активистите, тука се соочуваме со незапаметено загадување на воздухот. Нагласуваат дека во овој токсичен амбиент повеќе од 3.500 луѓе годишно умираат од болести поврзани со аерозагадувањето (податоци од Европска комисија за животна средина), а останатите гледаат што побрзо да ја напуштат државата.

„Причината за загадувањето кај нас, и за климатските промени пошироко, е иста: тотална подреденост на сите економски сектори на фосилните индустрии контролирани од бизнис елитите, и тотална незаинтересираност на политичките елити за било какво справување со овој неодржлив систем“, соопштува Fridays for future.

Активистите бараат радикална промена на политичките приоритети и радикална трансформација на општествено-економската поставеност, која, велат тие, ќе ја отфрли саможивата филозофија на владејачката класа и која ќе го стави обичниот човек на прво место.

„Во спротивно, нашиот одговор ќе биде радикален. Во секојдневие кое се повеќе наликува на Чернобил, повеќе немаме што да изгубиме. Со оглед на претстојните избори, од масовноста на овој протест зависи дали ќе го слушнат нашето барање за основни услови за живот. Сите претходни протести во врска со загадувањето биле премали за да ги натераат властите да се посветат на неговото решавање. Придружете ни се, да го направиме овој протест најголем досега, затоа што ова не засега сите, и само на овој начин ќе не послушаат!“, се вели во најавата за маршот.