„Зелена книга“ е најдобар филм, а Алфонско Куарон режисер на „Оскарите“

Филмот за патувањето и пријателството меѓу човек со „голема уста и цврсти тупаници“ од работничката класа и афро-американски пијанист, „Зелена книга“, доби статуетка за најдобар филм на годинешните награди „Оскар“, кои секоја година ги доделува Амариканската академија за филмски уметности и наука.

„Оскарот“ за најдобар режисер отиде кај Мексиканецот Алфонсо Куарон за филмот „Рома“ (Roma) кој, исто како и за „Златните глобуси“, е прогласен и за најдобар „странски филм“. „Рома“ е населба во Мексико сити, а делото претставува интимно парче кинематографија од Куарон. Ова црно-бело остварување веќе остави белег на светската филмска и фестивалска сцена во изминатиов период.

„Оскарот“ за главна машка улога отиде кај Рами Малек за портретот на музичарот Фреди Меркјури во „Боемска рапсодија“, чија екипа си замина дома со четири статуетки, вклучувајќи ги и тие за филмска и звучна монтажа.

На Оливија Колман и беше врачена награда во главната женска категорија за улогата на кралицата во „Фаворитката“ на Јоргос Лантимос.

За споредна женска улога во „If Beale Street could talk“ награда зема Реџина Кинг, а во истата машка категорија –  Махершала Али за „Зелена книга“.

Филмот „Ѕвездата е родена“ со Бредли Купер и Лејди Гага доби признание за песната „Shallow“.

Меѓу останатите добитници е „Црниот пантер“ со три „Оскари“ за музика, костуми и продукција, „BlackKklansman“ за најдобро адаптирано сценарио, „Заменик претседател“ (Vice)  за шминка, „Првиот човек“ за визуелни ефекти, додека „Spider-Man: Into the Spider-Verse“ е најдобар анимиран филм.

Целата листа на добитниците може да ја видите ТУКА.