„Зелен хуман град“ против измените на Изборниот законик

Активистичката коалиција „Зелен хуман град“, која во моментов брои вкупно 20 граѓански здруженија и активистички групи го искажа својот револт од најавите за зголемување на прагот на потребни потписи на два отсто од запишаните избирачи за кандидирање на независни листи на претстојните локални избори.

„Ако ваквата измена биде усвоена, тоа ќе значи целосно исклучување на сите независни граѓански иницијативи од политичкиот процес, бидејќи за сите нив ќе биде практично невозможно да ги
соберат потребните потписи за настап на избори. Со ова партиите ќе станат единствени политички субјекти со монопол врз политичкиот процес, спротивно на сите демократски стандарди во Европа и во светот“, сметаат од зелената коалиција.

Оттаму посочуваат дека предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик кој се носи на неколку месеци пред распишувањето на локалните избори, се носи зад затворени врати, во тајност и без никаква најава и дебата. Со ова, додаваат, се крши и Уставот. Сметаат дека една вистински демократска власт треба да го олесни процесот на граѓанска партиципација во изборите, не да го отежне.

„Измената на Изборниот законик на помалку од шест месеци пред одржување на изборите е спротивна на добрите меѓународни практики, како и насоките од ОБСЕ за изборна регулатива – сметаме дека ова е заговор против народот и потенцијален вовед во авторитарен политички систем. Поради тоа е потребна мобилизација на сите општествени актери за спречување на оваа недемократска измена која е одлика на режимски земји, а не на демократии. ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД веќе се обрати до претседателот Пендаровски со барање да не го потпишува противуставниот закон, како и до меѓународните делегации, организации и дипломатски претставништва во земјава, вклучително Делегацијата на ЕУ и ОБСЕ/ОДИХР“, додаваат од Коалицијата.

Наместо носење на измените како што се побарани од пратениците, тие бараат олеснување на сложениот бирократски процес за собирање потписи, како и спуштање на сегашниот праг во Изборниот законик од 1000 потписи.

Законските измени, за треба денеска да се расправа во Собрание по скратена постапка, меѓудругото предвидуваат унифицирање на бројот-процентот потребен за собирање на потписи за предлагање на независни листи на кадидати. Така, наместо различен број на потписи од граѓани за секоја општина, се предложува тоа ќе се утврди на 2% проценти од вкупниот број на запишани граѓани во избирачкиот список за секоја одделна општина.

„Со споменатите измени и дополнувања се создава и поголема можност за избор на граѓаните со непосредно гласање за посебно по една личност-кандидат од секоја предложена листа на партиите или од независните листи на кандидати, со што се зголемува демократичноста на процесот и подиректно доаѓа до израз непосредната воља на граѓаните преку гласањето за и конкретна личност, а не само за партија. Генерално со сите предложени измени и дополнувања се опфатени и ќе имаат бенефит пред се граѓаните како гласачи, политичките партии и кандидатите, но и институциите кои имаат свои надлежности во изборниот процес “, стои во образложението на предлогот за измените.