Зелен глас – платформа преку која граѓаните ќе бидат вклучени во креирање на националниот Зелен договор

Колектив Зет – Young Friends of the Earth Macedonia, здружение кое делува за климатска и социјална правда, во соработка со SmartUp – Лабораторијата за социјални иновации, ја креираа и ја направиjа достапна за сите граѓани и здружениjа, новата дигитална платфома Зелен глас.

Со платформата ќе им се овозможи на сите граѓани, организации, институции, иницијативи… да бидат вклучени во креирањето на националниот Зелен договор преку искажување на своето мислење (визија) за идеалната заедница во која би сакале да живеат во 2030 година.

Од Колективот велат дека ќе се борат против климатската криза, неправдите и нееднаквостите во општеството во сите сфери на делување – од одржливи системи за култивација и дистрибуција на храна и рурални области, па до уметност, култура, образование и градење на вештини и знаења, како и финансирање на транзицијата и алтернативни економски модели.

Понатаму, врз база на собраните податоци ќе се креираат насоки и договори кои ќе бидат доставени до релевантните национални владини и невладини институции, одлучувачки тела и Парламентот со цел да се изврши притисок за соочување и справување со проблемите.

Нивната цел е да ги повикаат граѓаните на акција и да се изнајдат на конкретни решенија за проблемите во општеството.

„Време е заеднички да креираме смели трансформативни стратегии за дејствување кон подобрување на животите на нашите заедници и да го трансформираме сегашниот неправеден систем во систем што се заснова на љубов, солидарност и длабока грижа, и просперира во ослободувањето на народите и прославувањето на нашите различности, во хармонија со природата. Затоа, ве повикувам сите, било каде да сте во нашата држава, дали сакате креативно да се изразите и да ја визионирате својата иднина, или сте сведоци на некоја неправда што се случува во моментот, да ја споделите со Зелен глас и да ни се приклучите. Затоа што секој глас е важен“, вели Софија Гетова, проектен менаџер во Колектив Зет.

Колектив Зет е здружение за климатска и социјална правда предводено од жени, на млади кои работат кон градење на капацитетот и мобилизација на сите граѓани за социјална трансформација, социјална, економска, климатска и системска правда. Колективот е посветен на градење на движење меѓу сите граѓани и општествени групи, со особен фокус кон маргинализираните заедници, за интерсекционални акции и подобрување на условите во општеството.