Здруженијата „Студентски пленум“: едното неактивно, другото не постои

Двете здруженија именувани како „Студентски пленум“ станаа неактивни уште пред да започнат со каква било активност. Нив веќе девет месеци од формирањето ги нема во јавноста.

Здружението за одбрана и заштита на студентските права Студентски пленум во Скопје, сместено во домот на еден од основачите, има статус „неактивен“ бидејќи субјектот нема поднесено годишна сметка/финансиски извештај за последната пресметковна година. Здружението со седиште во кичевското село Другово, пак, не постои како таков субјект во Регистарот.

Ова ни го потврдија документите кои Радио МОФ ги доби од Централниот регистар. Оттаму ни појаснија дека причината зошто кичевското здружение го нема во нивната база е бидејќи најверојатно е во тек на регистрирање, или пак, било само основано, без да се регистрира.

Појаснување од Централен регистар за неактивноста на скопското здружение

Појаснување од Централен регистар за неактивноста на скопското здружение

Претседателот и членовите на овие две здруженија остануваат непознати. Радио МОФ во декември ги посети двете седишта на здруженијата регистрирани во домовите на основачката Цветанка Василева во Скопје и на претседателот Дејан Миноски, во кичевско Другово. Но, до денес, ниту еден од нив не се одзва да објасни зошто нивните здруженија се именувани идентично како неформалната студентска иницијатива, која се покрена во 2014 година како одговор на одлуката да се воведе државен испит во високото образование.

Покрај нив, како основачи на здруженијата се водат:

Ацо Чутревски, еден од основачите на здружението во Кичево. Тој е по потекло од Берово и е студент по Агроекономика на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Според информациите на Радио МОФ, Чутрески е претседател на Советот на студенти сместени во студентскиот центар „Кузман Јосифовски Питу“, иако тој негираше, велејќи дека е само обичен станар.

Филип Даневски од Виница се јавува како основач и на двете здруженија. Тој е студент на Археолошкиот факултет во Скопје, но е познат и по тоа што е претседател на Унијата на млади сили во Виница.

Дени Василевски од Пробиштип, студент на Медицинскиот факултет, во отсекот на радиолошки технолози. И тој се јавува како основач на двете здруженија.

Сара Лазарова од Кичево, студентка на Правниот факултет, е основач на здружението во Скопје.

Информацијата за регистрираните здруженија први ја открија членовите на неформалниот Пленум, кои веднаш се оградија од нив. Според документите за основање, здруженијата се формирани на 15 септември, минатата година.

Целите се исти и за двете здруженија. Дел од нив се однесуваат на организирање јавни настани со цел запознавање на пошироката јавност со работата на Студентски пленум и актуелизирања на прашања од областа на високото образование, студентскиот стандард, остварување соработка со сите релевантни институции во државата и странство, како и учество во реформите на сите сфери на образовниот систем на Р. Македонија.

Радио МОФ упати прашања до скопското здружение преку е-мејлот наведен во документите, но до објавување на текстот не добивме никаков одговор.