Здруженија: Законот за медицинска марихуана нема да го спречи црниот пазар

Здружението Зелена Алтернатива, Канабис Клуб и активисти од Македонија кои се залагаат за легализација и декриминализација на канабисот во Македонија, бараат поседувањето, одгледувањето и рекреативното користење на канабис да се декриминализира.

Тие велат дека доколку навистина една од целите на институциите е да го спречи црниот пазар, тогаш да им дозволат на рекреативните корисници да купуваат канабис во специјални продажни места или посебни социјални клубови по примерот на Шпанија и Португалија.

„Нема логика канабисот да се дава само на терминално болните. Дали треба да се чека некој да стане терминално болен за да дојде до лековитиот канабис? Со тоа повторно не се спречува црниот пазар“, се вели во заедничкото соопштение на здруженијата.

Здруженијата бараат секој пациент кој ќе изрази желба за лекување со канабис, а неговата здравствена состојба е влезена во групата за кои постојат индиции дека канабисот може да помогне, да може се лекува со оваа билка.

„Поседувањето, одгледувањето и рекреативното користење на канабис да се декриминализира, односно за поседување на повеќе од четири растенија едновремено, за поседување на повеќе од пет грама сув цвет од канабис на јавно место во скриена форма, или рекреативно користење на канабис на јавно место да се одговара прекршочно. Канабис за рекреативна употреба да можат да користат жители на Македонија по наполнети 21 година старост. Канабисот за рекреативна употреба да е оданочен и има определена цена која ќе биде значително пониска од онаа на црниот пазар“, се дел од ставовите на здруженијата.

Покрај ова, бараат и луѓето кои се наоѓаат во затвор за обвиненија поврзани со поседување или одгледување на канабис веднаш да се ослободат од затвор и да им се избрише криминалнотот досие. Потоа, да се води строга евиденција за издадените рецепти за канабис и маслото од него, дозата и лекарот кој го препишал.

 

Нивните заеднички ставови околу можното законско решение, здруженијата ќе им ги достават на Министерството за здравство.