Здруженија во Австралија ги замолуваат граѓаните да не се изјаснуваат како Џедаи на пописот

Австралија спроведува попис секоја петта година. Освен етничка и национална припадност, жителите на островската федерација треба да забележат и религиозна припадност. Последните три пописи, огромен дел од Австралијците се изјасниле како Џедаи, поради што многу од документите на пописот биле прогласувани за неважечки.

Затоа, за претстојниот попис е формирано движењето Don’t Mark Yourself as Jedi, а неговите поддржувачи започнале кампања на Твитер, за да ги замолат жителите да престанат со шегата на овогодинешниот попис.

Она што започнало како наивна шега која нема голем ефект на статистиките, на последните два цензуси имало многу поголеми пропорции. Во 2011 година, дури 65486 граѓани на Австралија ја одбележале Силата како нивна религија. Бројката е само малку зад бројот на Сики, а многу повеќе од Адвентистите на седмиот ден, Армијата на спасот, поголемиот дел на ортодоксни цркви и други реални религиозни групи.

Порастот на џедаизмот, освен што доведува до поништување на голем број документи, има и реални последици и придонесува за погрешни статистички податоци. Претседателката на Атеистичката фондација на Австралија, Кајли Стурџес, изјавила дека постоењето на џедаизмот како избор за религија, дури и на шега, прави резултатите на пописот да покажуваат дека Австралија е порелигиозна држава од тоа што навистина е.