Здруженија бараат дел од хронично болните лица да останат ослободени од работа поради Ковид-19

По предлог-одлуката на Комисијата за заразни болести хронично болните лица да се вратат на работа, повеќе здруженија на пациенти сметаат дека дел од нив и понатаму треба да бидат ослободени од работа.

Тие во писмо адресирано до Комисијата и Министерството за здравство апелираат враќањето на работа на хронично болните граѓани да се одвива според одредени критеритуми, во зависност од ризикот кај секое заболување во однос на Ковид-19.

Здруженијата бараат:

  • Дел од хроничните болести кои се со најголем ризик на смртност од Ковид-19 да останат ослободени од работа (списокот на најризичните хронични болести да биде доставен од соодветните клиники до комисијата за заразни болести);
  • За помалку ризичните случаи на пациенти со хронични болести да се одлучува индивидуално (односно потврдата да ја издаде специјалистот соодветно според болеста, лекувањето, работното место на кое се наоѓаат пациентите);
  • За специјалистите да може да вршат соодветно контролни прегледи за да издадат потврда, да се обезбедат посебно термини на клиниките (пример втора смена на работа и дисперзија преку субспецијалисти и специјалисти во други градови освен Скопје).

„Комисијата за заразни болести и Министерството за Здравство да објават листа на коморбидитети кои се забележани кај починатите од Ковид-19 (тие дијагнози соодветно да се ослободат и понатаму од работа). При донесување на одлуки за засегнатите пациенти, докторите специјалисти и институциите да ги контактираат соодветните здруженија за да се донесат правилни одлуки“, дополнително стои во нивната реакција.

На состанокот на кој биле донесени овие предлози до институциите биле следниве здруженија: БОРКА, ЖИВОТ СО ПРЕДИЗВИЦИ, Национално здружение за МС, Здружение за ХМЛ, Сојуз на здруженија на дијабетичари на Македонија, НЕФРОН, ХЕПАР центар, ПЕПЕРУТКА, Алијанса на Пациентски Организации – АПО.

Предлог-одлуката на Комисијата за заразни болести треба да биде разгледана на следната седница на Владата на Република Северна Македонија.

*Дополнето:

Министерството за здравство соопшти дека утре претпладне, Министерот за здравство Венко Филипче ќе оствари средба со здруженијата на пациенти за нивните предлози во врска со препораката на Комисијата за заразни болести.

„Пред два дена министерот Филипче го образложи и аргументираше предлогот на Комисијата согласно кој пациентите коишто имаат дијагноза хронична болест и оние коишто имаат малигни болести треба да се вратат на своите работни места. Тој нагласи дека ова нема да важи за оние пациенти кај коишто лекарот специјалист ќе укаже дека има состојба на влошување во рамките на хроничната болест и истата бара некаков акутен третман, а претставува и дополнителен ризик по здравјето на пациентот. Воедно, Филипче информираше дека соодветната проценка за здравствената состојба на пациентот треба да ја направат лекарите специјалисти, врз основа на нивната стручност и експертиза“, велат од Министерството.