Здружението „Заедно посилни“ алармира на можен недостиг од лекови за ХИВ

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – „Заедно посилни“ бараат итно решение за обезбедување на дел од лековите за ХИВ, за да се спречи можен прекин во терапијата кај пациентите.

Тие се загрижени дека во врска со информациите дека на 6 октомври била откриена пратка со сомнителни лекови наменети за лекување на ХИВ, при што Агенцијата за лекови зела примероци за испитување. Поради запрената пратка, од здружението алармираат дека постои голем ризик да дојде до исцрпување на залихите на дел од лековите за ХИВ на Клиниката за инфективни болести.

„Дел од лековите сè уште не се обезбедени, дури и по повеќе од 3 месеци од крајниот рок за доставување на понудите на тендерот за набавка на антиретровирусни лекови за 2015 година. Затоа, апелираме до надлежните институции, особено Агенцијата за лекови и Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, да ги преземат сите мерки за најитно разрешување на проблемот“, бараат од здружението.

Тие апелираат до Министерството за здравство да преземе проактивни чекори со кои ќе се создадат услови за итно регистрирање на сите антиретровирусни лекови неопходни во лекувањето на ХИВ-инфекцијата за да се осигура дека обезбедувањето на антиретровирусната терапија во Македонија ќе биде решено на одржлив начин.