Здружението на студенти по медицина преку петиција бара бесплатна вакцинација против „Хепатитис Б“ за сите студенти

Од Здружението на студенти по медицина – „ЗСМ Скопје“ информираат  дека вчера до Министерството за здравство е доставена петицијата покрената од студентите по медицина. Целта на петицијата е конечно решавање на прашањето за бесплатна вакцинација на студентите против вирусот „Хепатитис Б“. Оваа петиција е последица на неколку писмени барања испратени до Министерството за здравство во текот на целата година, а на кои Министерството не дало никаков одговор.

„Како студенти по медицина секојдневно сме во контакт со различни видови инфективен материјал и присуствуваме на интервенции на пациенти чија историја е непозната. Ризикот од вирусот „Хепатитис Б“ е еднаков како за студентите, така и за останатите здравствени работници. Програмата за имунизација на населението јасно укажува на заложбите на Владата на РСМ како и на Министерството за здравство за бесплатно вакцинирање на студентите со оваа вакцина“- пишуваат од „ЗСМ Скопје“.

Ваквиот ризик директно влијае и на квалитетот на наставата. Невакцинирањето на студентите по медицина кои слушаат клинички предмети е на штета на практичната настава која се одвива на медицинските факулетети во државата, поради стравот на студентите за земање активно учество.

Студентите бараат спроведување на бесплатна вакцинација на сите студенти по медицина, со цел да се избегне било каква можност за заболување на било кој од нив, по примерот во сите држави од регионот и пошироко каде студентите по медицина се целосно ослободени од ваквите трошоци

„Секој студент потпишан на оваа петиција е доброволно потпишан со цел искажување на желба и намера за решавање на овој проблем. Се надеваме дека Министерството за здравство конечно ќе има разбирање и ќе даде одговор на овој наш повторен обид за решавање на овој проблем“ – истакнуваат од Здружението.

Оваа петиција е поддржана од Европската медицинска студентска асоцијација – ЕМСА Македонија, Македонската медицинска студентска асоцијација – ММСА и Факултетското студентско собрание на Медицински факултет – Скопје.