Здружението на медицински сестри: Минитерството за здравство нема слух за нас, до кога ќе не тргаат на страна?

Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За Нас“ (ЗМСТАС) испрати соопштение во кое ги прашува надлежните институции како ќе се подобрат здравствените услуги без да се овозможат правата на медицинските сестри.

Од Здружението се жалат дека во буџетот за 2019 година се предвидува 10% повисоки плати за лекарите специјалисти, но никаде не се споменати медицинските сестри, како клучна алка при подобрувањето на здравствените услуги.

„Срамота е што сестринската фела е повторно ставена на маргините во нашето општество. На сите наши обраќања и достоинствени барања за нашите права институциите се обидуваат да не изманипулираат и само да ги одолговлечат процесите кои треба да ги преземат. Медицинските сестри не се планирани во буџетите на здравствените институции за покачување на платите, за едукации, за признавање на нашето образование, за нашите специјализации, а основната причина за сето ова е непостоењето на закон за нашата професија. Изминатиов период подготвивме и предлози за измените во законот, подготвивме предлог решенија за проблематиките со сестрите концесионери, но, од министерството за здравство немаат слух за нас. До кога намерно ќе не тргаат на страна? Ова ли е начинот на кој ќе го подобруваат здравството?“, вели Горданка Бешлиовска, претседателка на Унијата на ЗМСТАС.