Здружението на граѓани „Еко Логик“, преку онлајн „Вело Училишта“ ги поттикнува родителите, децата, наставниците и едукаторите да се вклучат во спроведување на неформални активности кои може да служат како надополнување на тековната училишна програма, односно вело активности, еко активности, како и активности за деца со посебни потреби.
Преку користење на онлајн алатка, заинтересираните страни ќе имаат можност да ги имплементираат предлог активностите и вежбите кои се прилагодени за домашни услови, но истовремено и да ја збогатат платформата преку додавање на свои едукативни активности во повеќе области.
„Oчекуваме дека на овој начин ќе успееме да го разубавиме овој необичен период во кој се најдовме сите, целиот свет. Се надеваме дека најмалите ќе бидат мотивирани да создаваат креативни дела, развивајќи ги нивните постоечки вештини, да се едуцираат на темите животна средина и велосипедизам, преку различни активности, но и да применат едукативни игри и активности во домашни услови со своите родители“, велат од „Еко Логик“.
Како дел од активностите на „Вело Училишта“, ќе се креираат и објавуваат креативни предизвици за деца, но и за цели семејства. Во моментов отворен е предизвик за џебна сликовница „Пренесете ја вашата визија и имагинација, време е за нова креација“, со цел да се стимулира детското ликовно и литературно творештво.