„Здравјето над сè“ – Партиите се договорија изборната кампања да биде усогласена со препораките поради коронавирусот

Политичките партии во целост да се придржуваат до здравствените препораки поврзани со ситуацијата со коронавирусот Ковид-19, што подразбира суспендирање на сите јавни собири и митинзи во претстојниот период и прилагодување на своите кампањи на актуелните мерки и забрани. Ова е главниот заклучок од координативната лидерската средба која се одржа во Владата на С. Македонија.

Премиерот Оливер Спасовски изјави дека на координативната средба биле отворени сите идни можни опции за иден развој на ситуацијата.

„Задоволство ми е што на состанокот се обедини став дека здравјето на граѓаните е најважно. Неопходно е сите да покажат одговорност и да се однесуваат одговорно. Сите институции постапуваат соодветно и делуваат по препораките и мерките на дневна основа. Светската здравствена организација прогласи пандемија и тоа е уште поголема одговорност за сите од нас. Многу е важно сите политички партии кампањата да ја прилагодат на она што е препорачано низ мерките на институциите. Уште една заедничка согласност на средбата беше охрабрување на апелот на Министерството за внатрешни работи за тоа корисниците на социјални мрежи да не споделуваат непроверени и лажни вести околу вирусот Ковид-19, поради тоа што тие создаваат неоснована паника која може да доведе до далекусежни последици врз општествената состојба но и врз колективното здравје на граѓаните“, изјави премиерот по средбата со партиските лидери во Владата.

Како што соопштија учесниците во разговорите, на средбата на станало збор за одложување на изборите.

Предводниците на политичките партии пак посочија дека ќе ги прилагодат своите предизборни кампањи според актуелната ситуација користејќи различни видови на комуникација со граѓаните преку медиумите и социјалните мрежи.

„Добро е што сите сме на иста маса околу она што е најважно, а тоа е заштита на здравјето на граѓаните. Здравјето на граѓаните е и мора да биде највисок приоритет на сите институции и сите политички субјекти. Социјалдемократскиот сојуз веќе се обидува да изнајде други алтернативи (за водење на кампањата). Можеби се соодветни, можеби не се соодветни за компензација на големите собири и други јавни настани. Веројатно преку вас, медиумите, преку интернет порталите, преку фејсбук и социјалните мрежи, преку лајв-стриминзи и се` што е дозволиво во претстојниот период. Затоа велиме дека сe` друго е од секундарно значење бидејќи здравјето на граѓаните е пред се`“, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

„Оваа средба беше повеќе од информативен карактер. Се договоривме да продолжиме и во следниот период, доколку има потреба, да организираме вакви средби. Истовремено политичките партии, со сопствената структура, во делот на здравствениот сектор, можат да доставуваат сопствени предлози во насока на заштита и превенција од ширење на Ковид-19 вирусот. Покрај ова, од големо значење за нас како држава е важно и како ќе се справиме со економските последици кои ќе дојдат по вирусот… Очигледно е дека ќе имаме алтернативен начин на водење на кампања, преку социјалните медиуми, преку мас-медиумите, од врата на врата и така натаму“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Предвремените парламентарни избори се закажани за 12 април, а изборната кампања официјално започнува на 23 март.