„Здрава Котлина“: Зошто пропадна референдумот во Босилово?

Ден по неуспешниот референдум во општина Босилово, каде не беше исполнет законскиот цензус, граѓанското еколошко здружение „Здрава Котлина“ преку својата Фејсбук-страница објави поголема анализа.

Ви ја пренесуваме во целост:

1. Приговори до ДИК/ОИК нема да поднесуваме бидејќи е очигледно дека ќе бидат одбиени , што покажа и валандовскиот случај, а немаме намера да трошиме време и нерви на однапред осудени на пропаст формалности, бидејќи за неполни две недели, на 17.09.2017 не’ чека референдум во Општина Ново Село. Плус, рокот е премногу краток за нашата екипираност – денеска до 19:00 часот. Но, затоа, поднесовме издржана кривична пријава за кривично дело против изборите и гласањето опфатени во Глава 16 од Кривичниот законик против две конкретни лице. Во текот на народниот период, по дополнителни консултации со адвокати и правници веројатно ќе поднесеме и други кривични пријави. Едно од лицата, против кои е поднесена Кривичната пријава, инаку познат локален ноторен лик, а за кое имаме информации дека е во „врска“ со Еуромакс Рисорсис“ на различни начини изврши големо негативно влијание да не се гласа во повеќе села, најконкретно во 4 кои и ги очекувавме, во кои и беше забележана најниската излезност.

2. Референдумот е науспешен главно заради спроведен тивок бојкот, но и заради недоволна цивилизациска, морална и етичка освестеност, заради примитивна себичност и (меѓупартиска) омраза и заглупавеност произлезена од неа, неоговорност пред животот и смртта и кукавичлак и на оние кои не гласаа и на оние кои го поттикнаа бојкотот. И поради изборни манипулации. Разорно е сознанието дека луѓето се подготвени да ја слушаат партијата дури и тогаш кога им е јасно дека нивните деца и најблиски во блиска иднина можат смртно да страдаат заради нивната одлука. Уште поразорно тоа е дека луѓе со политичка или друга моќ, иако свесни за погубните последици од своите одлуки, се подготвени истите да ги спроведат. (Огромна почит за храброста оние членови кои и покрај бојкотот излегоа и гласаа против).

3. Имаше и други меѓупартиски калкулации, меѓу другото поврзани и со претстојните локални избори. Освен тоа, ниедна од двете големи партии не излезе со став во врска со референдумот, ниту одговори на нашите повици. Имаше калкулации, што на пример можеби доведоа до тоа поголемата излезност да се случи дури по 15:00 часот, до кога имаше само 13% излезност.

4. Министерството за економија (Владата на РМ) во текот на кампањата намерно делуваше демотивирачки со небулозно и антиуставно соопштението дека референдумите не можеле да бидат основа за повлекување на доделените концесии за рудниците. Во тој контекст е и изјавата на потпретседателот на Владата Кочо Анѓушев на 3 дена пред референдумот дека рударството било носечка гранка во македонската економија. Паралелно, група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, ден пред референдумот лицемерно поднесоа предлог за бенефиции за рударите. Се’ се тоа индиректни но јасни пораки, упатени кон целни гласачки групи. Покрај тоа, и покрај јавните барања, Владата одби да ја даде на увид документацијата за доделената концесија за рудникот Иловица на компанијата Еуромакс Рисорсис, со што практично постапува на ист начин како и претходната влада, која во договор со компанијата ја криеше документацијата од јавноста. Самата Еуромакс Рисорсис тврди дека актуелната владата го поддржувала „Проектот“ Следствено, тивкиот бојкот има две страни: едната извршна на терен, а другата институционална, во кабинетите. Со заеднички сили од двете страни. Вклучени се и моќни меѓународни корпорациски фактори.

5. На многу избирачки места е забележано дека избирачкиот список е непрочистен. Биле заведени починати и лица кои се отсутни од државата подолго од 8 месеци, некои и со години. На неколку избирачки места, и покрај инистирањето на нашите набљудувачи, од страна на претседателите Избирачките одбори не е дозволено во записниците да влезе таа забелешка. Само на избирачкото место 1820 во Иловица во записникот е внесена интервенцијата на нашата набљудувачка дека избирачкиот список е непрочистен.

6. Забележани се целосно некомпетентни членови на Избирачките одбори и претседатели на истите.

7. ДИК/ОИК (Државна/Општинска изборна комисија) не подели никаков информативен материјал за референдумот на територијата на Општина Босилово , иако нејзина законска должност беше да го направи тоа. Никаде немаше плакати, ниту каков било друг информативен материјал за жителите, ниту таков беше објавен низ медиумите. Инаку, според Законот, со средствата од буџетот на општината наменети за референдумот според законот располага ОИК – Општинската изборна комисија.

8. Формалниот иницијатор за распишување на референдумот – Советот на Општина Босилово – според Законот може да води прореферендумска кампања, но тој не го стори тоа. Засега немаме прецизни информации колку и кои од советниците гласале на референдумот.

9. Вршени се најразличен тип манипулации и закани против жители на Општина Босилово: од поткуп, преку ветувања за исплата преку трансакциски сметки (за што изминативе денови пишувавме), ветувања за вработување, до закани за губење на работни места. „Цивил“ тврди дека има обезбедено релевантни докази, на пример исказ на член на Избирачки одбор кој било под закана за губење на работно место.

10. За т.н. граѓанско здружение Центар за европска младина (ЦЕМ) од Радовиш, кое имаше набљудувачаи на сите избирачки места, постојат основани сомненија дека се поврзани со лицето против кое е поднесена кривичната пријава и со Еуромакс Рисорсис. Повеќето од нивните набљудувачи не знаеја ни да го изговорат името на здружението кое им издало овластувања и беџови за набљудување. На еден нивни набљудувач му било дадено овластување за друго лице. Друг самиот му признал на нашиот набљудувач дека им ветиле дневници од 1000 денари (додека чекал да биде исплатен), плус платен превоз. За втора смена, употребувани се и лица од локалните села, а во селата каде што има ромско население, ангажирале лица од нивната националност, кои практично беа употребувани како чувари за да не гласааат Ромите. Трет самиот ја призна поврзаноста со лицето против кое е покрената кривичната пријава. Постојат индиции дека ЦЕМ се на некој начин параван за еколошко здружение, формирано ад хок, а поврзано со луѓе од Бучим, кои се плашат од покренување граѓанска иницијатива и во Радовиш против загадувањата што ги прави рудникот Бучим. Ќе го истражиме и тоа, а во тек сме на разработка на евентуална кривична пријава и против ова здружение.

11. Еуромакс Рисорсис вршеше незаконска кампања низ селата. Кој им ја дозволи?

Заради сите овие сознанија, иницијативата „СПАС за Струмичка Котлина – СТОП за рудникот на смртта“ НЕ ГО ПРИЗНАВА И НЕ ГО ПРИФАЌА резултатот од референдумот во Општина Босилово.
По завршувањето на референдумот во Ново Село, ќе објавиме и други сознанија, на кои им е потребна дополнителна проверка. Пропусти имавме и ние. Ќе ги разгледаме сите.

За нас референдумот не е ниту успешен ниту неуспешен. Тоје е реален приказ на суровата реалност во која живееме и на која изгледа се невикнуваме како да е нормална. Тешко заболена е таа реалност, креирана од „политиката“. Ве молиме да не го обвинувате премногу народот. Оние што така неумерено и вулгарно го навредуваат сопствениот народ, со цел да се издигнат себе си, му прават голема штета, а со тоа и на себе си. Тоа е одвлекување на вниманието од вистинските виновници – политичарите. Народ се негува, долгорочно. Да, тој народ генерално на овој референдум се покажа во лошо издание, но тој едноставно нема вистински политичари, уште помалку водачи. Неговата сегашна делумно грда состојба е резултат на децениско стимулирање на истата преку стимулирање на дивјачка омраза и раскол од страна на двете главни политички опции (кои пак се стимулирани од нивните заеднички контролори), кои сакаат од тој ист народ да направат робови кои ќе реагираат само на притиснување на партиското копче. Многумина и навистина се оковани во слепо партиско ропство, но 32,45% кои излегода да гласаат, од кои 97% се ПРОТИВ рудникот, со сигурност не се. Со време, ќе ги има се’ повеќе и повеќе.