Здрава котлина: Почеток на масовен отпор против рудникот на смртта

Здружението „Здрава котлина“ преку реакција до јавноста тврди дека завчера, на 12 септември во Иловица е одржан состанок на членовите на СДСМ од Иловица и Штука, на кој бил повикан и градоначалникот на Општина Босилово, Зоран Зимбаков. Според активистите, состанокот го иницирале самите членови на партијата, а главна тема бил рудникот.

„Членовите на СДСМ жестоко го критикувале градоначалникот заради тоа што тој го промени својот став во врска со отворањето на рудникот: имено, во кампањата за локалните избори тој беше против рудникот, но подоцна се случи ретерирање, па така на Консултативната средба со владата што ја имавме во јули, тој излезе со нејасен, двосмислен став, кој остави простор за многу сомнежи“, стои во реакцијата.

Накусо, тврдат од „Здрава котлина“, на завчерашниот состанок тој бил директно предупреден дека доколку не излезе јавно да се заложи против рудникот, членството масовно ќе ги искине партиските книшки. Според „Здрава котлина“,тој се обидувал да се оправда, но на крајот морал да вети дека ќе излезе во јавноста.

„Го очекуваме. Сепак, она што е уште позначајно од овој состанок е фактот дека членовите на СДСМ побарале тој итно да стапи во контакт со премиерот Зоран Заев и да му пренесе дека Иловица и Штука бараат тој да дојде и пред граѓаните од сите околни села, без оглед на партиската припадност, и конечно да се изјасни дали ќе го сопре рудникот или не. Во спротивно, му било порачано дека никој нема да излезе на референдумот. Практично, му дале еден вид ултиматум“, соопштува „Здрава котлина“.

Од таму велат дека како еколошко здружение имаат решение да не навлегуваат во прашањето за референдумот, за тоа секој лично ќе си донесе одлука, но сметаат дека овој состанок и пораките што Штучани и Иловчани му ги испратиле на премиерот Заев, на градоначалникот Зимбаков, но и на другите раководни партиски структури, како што велат, се исклучително важни за претстојната разврска.

„Ножот е дојден до коска и повеќе одолговлекувања и отстапки не може да има. Очекуваме дека партиските структури и од другите села, вклучително и од општините Струмица, Ново Село и Василево, ќе се солидаризираат против заедничката животна опасност и конечно ќе им дадат до знаење на раководствата дека немаат намера да бидат жртви на туѓи профитерски интереси и дека сите масовно ќе застанат во одбрана на Струмичката Котлина. Ова е почеток на масовниот отпор против рудникот на смртта. Ги поздравуваме Иловчани и Штучани за овој цврст и одговорен однос, знаејќи дека ако биде потребно сите ќе се обединат во одбрана на нивните домови и животи, без оглед на партиската или каква било друга припадност. Ние, како што и самите знаат, секогаш ќе бидеме со нив. Рудник нема да има!“, се вели во реакцијата на „Здрава котлина“.