„Зборувај гласно, направи промена“ – се одбележува Светскиот ден на хемофилијата

Националното здружение на граѓани со хемофилија –Хемолог и годинава ќе го одбележи Светскиот ден на хемофилијата на 17 април.

хемофилија

Ова ќе биде 16 прослава на овој ден во Македонија организирана од Хемолог, а во соработка со Светската федерација за хемофилија, Европскиот конзорциум за хемофилија и НВО Млади за Љубов. Секоја година прославата се одржува во различна општина, а со цел едукација и прифаќање на лицата со хемофилија .  Годинава манифестацијата за одбележување на денот се сели во Кичево под мотото „Зборувај гласно, направи промена“. Со симболично пуштање црвени балони, лицата со хемофилија, членовите на нивните семејства и останатите присутни,  ќе ја пренесат својата порака.

Хемофилијата е проблем на крварење. Лицата кои ја имаат не крварат побрзо од нормално, но крварат подолго бидејќи во крвта немаат доволен фактор на коагулација, протеин кој го контролира крварењето.

Хемофилијата е релативно ретка, односно едно од 10.000 лица се раѓаат со хемофилија. Таа е најчесто е наследна, што значи дека таа се добива од гените на родителите. Сепак околу 30% од лицата со хемофилија ја немаат наследено од родителите туку настанала од генетска промена.

Во Македонија има околу 300 регистрирани лица со хемофилија.