„Зборува Скопје“: филмски колаж, перформанс и концерти

Во рамки на манифестацијата „Зборува Скопје“, вечерва во 20:30 часот во галеријата Графити во ГТЦ (кај автобуската постојка) ќе биде прикажан краткометражниот филмски колаж на младата режисерка Дина Дума насловен како „Скопје сонува“. Половина час подоцна, во 21 часот ќе биде изведен перформансот „Тивка реконструција на земјотресот“ на Билјана Радиноска.

Од 21:30 часот ќе почне музичката програма „Разговор со смисла“ која вклучува концерти на Mammoth & Yashem, Тодор Караколев, импров сесија со музичари од новата скопска сцена.

Сите настани се тематски врзани со скопскиот земјотрес и претставуваат извесно видување на овој настан од 26 јули 1963 година, низ очите на младите уметници и нивното реконструктивно доживување на оваа трагедија.

„Освен визулено изненадување за посетителите со овие настани сакаме да ја потенцираме и архитектонската важност на ГТЦ за градот Скопје и да го вратиме урбаниот дух во централното градско подрачје. Исто така, акцентираме дека јавниот урбан простор може да биде облагороден со културни настани и тој е слободна зона каде што жителите и посетителите на нашиот град можат да се чуствуваат креативно и задоволно.“, соопштуваат од Град Скопје.

„Зборува Скопје“, манифестација која ја одбележува 55. годишнината од земјотресот, завршува утре кога група урбани уметници од Центарот за совремни уметници организираат аудио акција точно 5:17 минути на пет различни локации кои ќе не потсетат на точното време на трагичниот настан.

Традиционално ќе се одржи и крводарителската акција организирана од Црвен крст на град Скопјеа организационен одбор ќе положи цвеќе пред споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта во Бутел. Организацијата на жените на град Скопје ќе одржи поетско читање а Здружението на акцијашите од студентскиот дом „Стив Наумов“ ќе организираат марш до Музејот на Скопје каде што во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Од братство и единство `63 до Скопје `63“.

Во Музејот на современа уметност ќе биде отворена изложба на дела од грчки автори. Во Младинскиот културен центар пак ќе има проекции на серијата Досие Скопје и богата музичка програма.

„Зборува Скопје“ ги повикува граѓаните заедно да ги проследиме настаните, да се потсетиме на трагедијата која го разори нашиот град, и да упатиме порака дека не сме ја заборавиле поддршката што пред 55 години ја добивме од целиот свет и дека го сакаме нашиот град, неговата култура и уникатната урбаност која ќе ја негуваме во иднина.