Завршува 9. Скопје постер фестивал, изложбите тргнуваат низ светот

Денеска се затвора 9. Скопје постер фестивал, кој во изминативе 15 дена се одржуваше во Музеј на град Скопје. На фестивалот, покрај изложените дизајнерски дела во рамки на 4-те изложби, се одржаа и презентации и работилници на светски реномирани предавачи.

На фестивалот, насловен како „Криза на идентитет“, во рамки на главната изложба на плакати од меѓународниот конкурс за плакат, беа изложени дела на студенти од сите континенти, оценувани од страна на 5-члена жири комисија составена од меѓународни судии – Мишел Буве (Франција), Фонс Хикман (Германија), Фин Нигард (Данска), Ришард Каја (Полска) и Тони Васиќ (Македонија).

Оваа година, двете главни награди ги добија Мигуел Ангел Рангел од Мексико и Река Немеди Варга од Унгарија. Двете специјални награди од жири комисијата беа доделени на Шујун Лиу, од Кина и Дикле Јилдирим од Турција. Додека, почесните признанија ги добија Јуниј / Зежун Шан / Уанг од САД, Кајли Димик од САД, Лазар Митровиќ од Србија, Инес Филипа да Коста Пимента Кардосо од Португалија, Никола Марфи од Обединетото Кралство и Карол Шчепанкиевич од Полска.

По затворањето на фестивалот, изложбата на 50-те финалисти ќе биде прикажана на Универзитетот Прат МВА (Pratt MWA) во Њујорк, САД, потоа во Литванија, Грција и Португалија.

„Овој фестивал ги собира најквалитетните имиња од графичкиот дизајн. Скопје и Македонија може да се гордее со овој настан кој се случува секоја година. Навистина е чест да се биде дел од Скопје постер фестивалот“, објасни членот на меѓународното жири Ришард Каја.

Наредната година, организаторот најавува достојно, спектакуларно одбележување на јубилејот 10 години на Скопје постер фестивалот. На овој начин, вели организаторот, „ова одлично дизајнерско дружење ќе го размрда креативниот потенцијал и инспиративноста кај дизајн заедницата“.