Завршна изложба на Летната архитектонска школа во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“

Со изложба во галеријата на стариот конак во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, синоќа беше затворена 24 меѓународна Летна школа за архитектура на која учествуваа 31 студент по архитектура од Македонија, Холандија и Турција. Тема на школата која традиционално ја организира Архитектонскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, учествуваа 31 студент по архитектура од Македонија, Холандија и Турција, годинава беше „Изблик на чиста архитектура во планините“.

„Создадени се 31 проект на различни објекти, и два пејзажа. Студентите проектираа истражувачки центри, разни видови сместувачки капацитети, изложбени простори, павилјони во природа и многу други, а беа работени на две локации. Се работеше во манастирскиот комплекс „Св. Јоаким Осоговски“ и во испосницата на светецот во селото Градец. За двата локалитета се создадени и два прекрасни пејзажа, еден со шумата и околината на манастирот и еден на карпестиот, дијаметрално спротивен амбиент“, изјави раководителот на Школата, доц. д-р Слободан Велевски од Архитектонскиот факултет.

Од создадените дела ќе биде изработена публикација, а во средината на септември тие ќе бидат претставени на изложба во Скопје. Меѓународната Летна архитектонска школа се одржува со поддршка од Министерството за образование и наука, во соработка со Македонската православна црква, манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ и општина Крива Паланка