Заврши снимањето на краткометражниот филм „Борба за смрт“

Заврши снимањето на краткометражниот филм „Борба за смрт“, кој се снимаше изминативе денови во мариовското село Кален. Филмот се работи по сценарио и во режија на Елеонора Венинова.

Главни актери се Мите Грозданов и Илија Струмениковски, кои толкуваат ликови на двајца старци кои се расправаат за последното гробно место во едно запустено македонско село.

„Борба за смрт“, како што кажа авторката Венинова, е парадоксална драма која ги разоткрива дилемите за тоа што ќе се случи ако на човек, кој животот го свел на исчекување на смртта, одеднаш некој му го уништи планот за умирачка.

Филмот се реализира во продукција на „ДНФ филмс“, продуцент е Гоце Кралевски, директор на фотографија е Димо Попов.

Продуцентот Кралевски изјавува дека во следниов период планираат да аплицираат на неколку фондови за постпродукција.

„Филмот треба да биде готов оваа есен, а од почетокот на следната година се надеваме дека ќе помине на повеќе фестивали“, вели Кралевски.

Сценариото за филмот минатата година освои награда за најдобро сценарио на „Драма пичинг лаб“, работилница која се одржува во рамките на Интернационалниот фестивал за краток филм во Драма, Грција.
„Борба за смрт“ го финансира Агенција за филм на Република Македонија, а поддржан е и од телевизја „Канал 5“.