Заврши распустот, почна нова учебна година за 270.000 ученици

Околу 270.000 ученици денес ќе ја стартуваат новата учебна година. По летото, за прв пат во училишните клупи ќе седнат над 20.000 основци, додека во прва година во средно училиште се запишани над 16.000 ученици.

Според претходните најави од Министерството за образование и наука (МОН), учебната 2018/2019 година се очекува да започне со ревидираните наставни планови за прво, второ и трето одделение.

За првачињата се предлага намалување на бројот на предмети, најмногу четири наставни часа во денот, повеќе одмор и игри, вежбање на часовите наместо домашни задачи и редуцирање на тестовите.

Најавено е ревидирање и на 22 корегирани учебници, а МОН најави и дека сите ученици од прво, второ и трето одделение ќе имаат нови комплети учебници.

Владата, на последната седница, донесе одлука за зголемување на платите на вработените во основно и во средно образование за пет отсто, почнувајќи од исплатата на септемвриската плата годинава.

Радио МОФ изминатава недела организираше нова дискусија #НаЧас, во која дел од заклучоците на учесниците беа дека на стартот на учебната година малку работи се променети за обезбедување поквалитетен образовен процес.

#НаЧас: Владата се обидува да го запали образовниот „мотор“, додека учениците уште сами купуваат сапун и хартија