Заврши протестот за права на животните, посипан „отров“ пред Собранието

Собирот „Македонија против насилство врз животните!“, на кој пладнево излегоа стотици граѓани со своите миленичиња, од плоштадот „Македонија“ се пресели кон Собранието.

Таму, активистите и граѓаните гласно скандираа „Убиства штитите!“. Симболично, беше фрлен бел прашок пред зградата на Собранието, како симбол за фрлените отрови од кои во изминативе две недели настрадаа голем број животни, претежно бездомни.

Потоа, протестантите се преселија пред канцелариите на Град Скопје, каде собирот заврши околу 14 часот.

 

„Потенцираме дека е прашање на време кога од отровите ќе настрада човек или дете зошто за жал во Македонија отрови слободно се купуваат и масовно злоупотребуваат, а за тоа никој не одговара!, нагласуваат здруженијата за заштита и права на животните.

Тие обвинуваат дека труењата и насилството врз животните се резултат на институционалната некомпетентност, инертност и молк.

 

На протестот, активистите побараа масовна стерилизација на животните, а не нивна елиминација, полиција за животни која би спречила насилство над животните, забрана на слободната продажба на отрови кои се опасност за здравјето и животот на сите животни, но и на луѓето, и воведување на казна затвор за насилниците на животни.