Заврши мандатот на „најсиромашниот“ претседател во светот – Хозе Мухика

Претседателот на Уругвај, Хозе Мухика денеска ја предаде функцијата претседател на неговиот наследник Табаре Васкес, пренесуваат медиумите.

Постојат многу идеалистички, вредни и чесни политичари во светот, циниците тврдат дека се во мал број, но ни оддалеку не можат да се споредат со уругвајскиот претседател во заминување, кога станува збор за живеење врз основа на принципи, пишува BBC.

Сето ова не е само за слава и шоу. Стариот автомобил на Пепе – Бубата, веројатно е еден од најпознатите автомобили во светот, а неговата одлука да се откаже од луксузниот претседателски живот не е единствена. И неговиот наследник Табаре Васкес, најверојатно ќе избере да си живее во својот дом.

Кога ќе го посетите Мухика во неговиот скромен дом во предградието на Монтевидео, ќе сфатите дека човекот е скромен и добар исто колку неговиот збор.

Облечен во најобична облека опишана како „кежуал“ е она во кое се чувствува најдобро, „Пепе“ никогаш не е виден да носи вратоврска.

Седи во обична дрвена столица покрај полиците со книги со што ви дава чувство дека е на работ на колапс под тежината на биографии од неговите политички противници и сојузници.

Книгите се важни за овој поранешен герилски борец кој поминал вкупно 13 години во затвор. Тоа било искуство кое речиси го скршило ментално и на тој начин дошла трансформацијата од борец во политичар.

„Бев затворен во самица, така да денот кога ме ставија на софа се чувствував удобно“ – се шегува Мухика.

Јас не се сомневам дека ако не го преживеев сето тоа немаше да бидам тоа што сум денес. Затворот, самицата имаа големо влијание врз мене. Морав да најдам некоја внатрешна сила, дури седум-осум години не можев да читам ниту книги, замислете го тоа, додава тој.

Со оглед на неговото минато можеби е и разбирливо зошто Мухика 90% од својата плата ја дава во добротворни цели, со објаснување дека тој нема потреба од тоа.

„Овој свет е луд, луд ! Луѓето се изненадени од едноставни работи и  таа опседнатост ме загрижува“, вели тој.

Не се плаши да биде земен на удар од страна на своите колеги лидери, додавајќи дека тој живее како мнозинството од неговото општество не како малцинството, и дека и италијанските и шпанските лидери треба да се стремат да живеат како поголемиот дел од нивното општество, а не да го копираат богатото малцинство.

Хозе Мухика понекогаш премногу зборува и е груб, но тој може да си го дозволи тоа.

Уругвај честопати е именуван како најлиберална земја во Јужна Америка. Како што економскиот и политичкиот хаос се заканува да ги зафати соседните гиганти, Бразил и Аргентина, оваа држава со само 3 милиони жители ќе претставува засолниште.

Мухика заминува од функција со релативно здрава економија и социјална стабилност каква што поголемите соседни земји можат само да сонуваат.

Основните принципи на Мухика се сеуште социјалистички, но тој е човек кој се развива со текот на годините и промената на општеството.  Некои од најконтроверзните политички иницијативи за неговото петгодишно владеење, како што се легализацијата на абортусот и канабисот, се направени колку од прагматични толку и од идеолошки причини.

„Марихуаната е уште една чума, една зараза. Некои велат дека тоа е добро но не е, тоа е само ѓубре. Не за марихуаната, цигарите и алкохолот- единствената добра опседнатост е љубовта! “- вели човекот кој во 2005 година стапи во брак со својата долгогодишна партнерка и бивша ко-револуционерка Луциа Топалански.

„Сепак 150 000 луѓе консумираат марихуана, па тоа неможе да се остави на милост и немилост на траговијата со наркотици“ , вели тој. „Полесно се контролира нешто што е легално и тоа е причината зошто го направивме тоа.“

Мухика кој понекогаш е опишуван и како „претседател кој секоја друга држава би сакала да го има“  ги отфрла сите ласкања и внимание, но тој сеуште не ја напушта сцената.

„Немам намера да бидам стар пензионер кој седи во своето катче и пишува мемоари, нема шанси “

„Секако дека сум уморен, но не сум спремен да застанам, моето патување завршува и јас сум секој ден поблиску до смртта.“

Можеби е така, но овој харизматичен лидер останува инспирација за многумина и е потсетник дека политиката е замислена да биде скромна и чесна професија.

Извор: BBC