Заврши летната пауза, близу 190.000 основци и 80.000 средношколци тргнаа на училиште

Околу 270.000 ученици од денеска почнуваат нова учебна година. На ниво на цела држава во училишните клупи се вратија 80.000 средношколци, а истовремено наставата стартуваше и за 188.000 основци.

Според податоците од Министерството за образование, запишани се 21.250 првачиња. Овој број не е конечен бидејќи уписите во прво одделение траат и во текот на септември.

Во сите 23 средни училишта на главниот град во учебната 2016/2017 година во прва година се запишани вкупно 4.518 ученици.

Од Град Скопје велат дека во изминативе 7 години напорно работат и вложуваат за да се подобрат условите за работа и настава, а во текот на овој летен распуст екипи на изведувале градежни работи во 16 средни училишта.

„Во некои училишта се реконструираше фасадата, во некои санитариите и подовите, а во некои училишта се реновираше фискултурната сала. Град Скопје за реализација на овој проект од буџетот издвои 22.326.063 денари“, изјави денеска градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски,

Заменик-министерот за образование, Спиро Ристовски вчера рече дека е завршена реконструкцијата на 60 училишта во земјава. Најави дека во наредните неколку денови се очекува сите училишта да бидат снабдени со нови препечатени учебници.

„Истовремено учебниците од седмо до девето одделение ќе бидат дистрибуирани и новите учебници по математика и природни науки за наставата која е по Кембриџ програмата, а  која ја работевме со Меѓународниот центар за наставни програми на универзитетот Кембриџ. Со ова ја заокружуваме оваа реформа на целокупно реформирање на математика и природни науки во основно образование“, рече Ристовски.

Инаку, според досегашните најави, учебната година почна и за учениците од поплавените подрачја од невремето од 6 август. Во „25 мај“ во Сингелиќ настава се одржува за 1.438 ученици. Во општинското училиште „Кирил и Методиј“ во Стајковци, пак, запишани се 479 ученици.

МОН веќе информираше дека општините ги санираат штетите во образовните објекти, при што се врши дезинфекција, дезинсекција и дератизација.